Браќата Миладиновци „погребани“ во османлиските архиви

Исмет Кочан, Фото: Принтскрин/Јутјуб

Сето тоа со што досега располага историјата, укажува само на факт дека македонските преродбеници, како затвореници, под засега неразјаснети околности, го завршиле животот во некој од цариградските затвори.

Во јануари 1862 година во Цариград починаа браќата Миладиновци – Константин на 18-ти, а Димитар на 23 јануари. Сто и шеесет години од нивната мистериозна смрт во цариградските затвори, сѐ уште нема резултат од иницијативите да се откријат гробовите и посмртните останки на македонските преродбеници.

Сето тоа со што досега располага историјата, укажува само на фактот дека тие, како затвореници, под засега неразјаснети околности, го завршиле животот во некој од цариградските затвори. Оттаму, за да се открие воопшто каква било трага за нивната судбина и за местото на коешто биле погребани, неопходно е најнапред да се дознае во кој затвор биле заточени и во кој умреле.

Од она што недвосмислено се знае, во клучната 1862 година, која го означува крајот на браќата, во Истанбул функционирале неколку важни затвори. Тоа се, во прв ред, занданите Једикуле, затворот во квартот Кадрга и затворот во зградата на Мехтерхане, кој се наоѓа на Еминону. Ниеден од нив денес не функционира како затвор, бидејќи одамна се претворени во музеи и во други културни институции и сите се наоѓаат во најстарото јадро на Истанбул.

Меѓутоа, по систем на логична елиминација, овој тесен круг на можни затвори во кои биле заточени, би можел уште повеќе да се стесни. Прв од списокот би требало да отпадне затворот во Кадрга, од причина што историјата на стариот Истанбул го спомнува како „француски затвор“. Тоа било време кога Турција им издавала на големите западни земји капитулации со разни привилегии. Една од нив била – на странските државјани во Турција да им судат нивни домицилни судови и да издржуваат казни во посебни затвори, под патронат на земјата што ги уживала правата од тие капитулации, заради што и бил изграден овој затвор. Со други зборови, не постои никаква можност браќата Миладиновци да биле затворени во Кадрга, бидејќи тие биле османлиски поданици.

Суровиот Једикуле

Преостануваат две реални можности. Едната од нив е дека биле затворени во зградата, која денес е позната како Мехтерхане или, пак, во занданите Једикуле. Затворот Мехтерхане се споменува како еден од најзначајните истанбулски затвори и како таков функционирал до крајот на 19 век. Бил сместен во зградата што некогаш била составен дел од некогашниот сарај на Ибрахим паша, кој од 1520 година 13 години му бил везир на најголемиот османлиски владетел – Сулејман Величествениот. Иако станува збор за значаен затвор, за него се знае дека немал највисок ранг. Од тие причини малку е веројатно дека браќата можеле да бидат сместени во затвор со околиски ранг, бидејќи официјално имале престој во сосема друг вилает.

Од сите затвори во тогашната Османлиска Турција, најпознат бил затворот Једикуле, што во превод значи „Седумте кули“. Овој затвор што своевремено како таков го употребувале уште и Византијците, се наоѓа во комплексот на старите тврдини што го опкружувале Цариград и имал ранг на државен затвор, во кој престојувале најтешки осуденици од сите делови на Империјата.

Како државен затвор, Османлиите овој комплекс го користеле од 15 век до длабоко во 19 век. За време на неговото егзистирање, во него биле затворани многумина познати личности и странски државјани, меѓу кои имало и благородници и принцови. Во затворот, меѓу другите, казните ги отслужувале венецијанскиот принц Стефанус Алберти (1607), Јулиус Андреа Вирасини (1600), францускиот конзул Жан де ла Хоје (1660), истанбулскиот ерменски патријарх Аведик (1703), молдавскиот принц Константин Бранцевеану (1714), рускиот амбасадор Оберсков (1878), но и освојувачот на Крит, садразамот Кара Давуд паша (1622) и уште многумина.

Со оглед дека овој затвор немал провинциски карактер, а браќата Миладиновци доаѓале од Румелија, голема е веројатноста дека кон списокот на овие имиња би можело да се додадат и оние на Константин и Димитар. Ова, меѓутоа, се само претпоставки, кои би требало да се потврдат или отфрлат. Најдобриот пат за ова се, секако, богатите османлиски архиви, во кои најпрво треба да се „ископаат“ трагите од евентуалното судење на Константин Миладинов во Цариград (брат му Димитар пред тоа бил суден во Битола) и местото каде што биле затворени, односно каде што умреле или биле погребени.

Макотрпно истражување

Откривањето на оваа енигма е голема и макотрпна работа, но, од аспект на истражувачите, никогаш не и невозможна, бидејќи е познато дека Османлиското Царство било високо бирократска устоена држава, во која, во тоа време, ваквата циркулација на луѓе мора да била педантно бележена. Од тие причини, за да се дојде до некоја трага, потребно е да се „копа“ по архивските фондови на тогашните османлиски институции, што во денешна смисла ги покривале министерствата за правда и за внатрешни работи. Исто така, не помалку значајно би било и пребарувањето на архивските фондови на тогашното османлиско министерство за надворешни работи (Хариџије Незарети). Пребарувањето на овие фондови е неопходно од причина што е познато дека за ослободувањето на браќата Миладиновци, особено за Константин, се залагале повеќемина дипломати на големите сили, што е познато од меѓусебната преписка што е зачувана во руските и во британските извори. По таа логика, невозможно е дека тие не ѝ се обраќале за таа работа на Портата со официјални писма.

Најголем проблем во сета оваа работа, меѓутоа, е тоа што во најголем дел од овие архивски материјали што се чуваат во Османлискиот архив во Истанбул, не е обработен. Со други зборови, станува збор за макотрпно истражување, за кое се потребни време, големо трпение и одлично познавање на османлискиот јазик.

Освен големата енигма – во кој цариградски затвор биле заточени браќата Миладиновци, истражувачите би биле исправени пред уште поголема загатка: каде се погребени нивните останки? Позната е праксата на османлиските власти умрените или егзекутираните затвореници да ги погребуваат на посебни за тоа определени места, во безимени гробови. Основано може да се претпостави дека во изминатиот век и половина, а особено во последните неколку децении во кои Истанбул поминал низ големо проширување – гробовите се прекопани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот