„Браќа Миладиновци” меѓу 5.000 училишта со настава по ИБ-програмата, од оваа година и со сертификат за авторизација

Фото: aerodrom.gov.mk

Интерактивна настава што ги надминува границите на традиционалното образование, инсистира на темелно изучување на различни дисциплини, а истовремено става акцент на нивната меѓусебна поврзаност и го унапредува холистичкиот поглед на знаењето. Таков е пристапот на учење по меѓународната ИБ-програма (International Baccalaureate) што ја следат речиси 500 ученици во основното училиште „Браќа Миладиновци” во скопската општина Аеродром.

Почна да се применува од 2013 година, а на почетокот на оваа учебна година училиштето доби и сертификат за авторизирана работа според ИБ-стандарди и методологија што овозможува да ги користи и ресурсите на оваа современа образовна програма која се спроведува во околу 5.000 училишта во повеќе од 150 земји.

– Нашето училиште е дел од ИБ-заедницата заедно со уште околу 5.000 други училишта во светот и со сертификатот за авторизација што го доби има единствена можност за комуникација и соработка со сите нив. Сертифицирано е да работи според ИБ-стандардите и ИБ-филозофијата, како и да ги користи ресурсите од ИБ, што значи дека училиштето има пристап до огромен број материјали и изданија од ИБ, како што се прирачници и најразлични водичи за работењето, стандардите и практиките на ИБ. Исто така, наставниците и раководниот кадар на училиштето имаат можности за следење различни обуки за професионален развој кои им се достапни само на училиштата кои се дел од ИБ, изјави за МИА Тони Димов, директор на ООУ „Браќа Миладиновци”.

По осум години успешна примена на ИБ, најпрво во одделенската, а потоа и во предметната настава, тој вели дека предностите на програмата се во тоа што учењето се фокусира на ученикот и неговиот развој како комплетна личност. Учениците не само што добиваат знаења, вели Димов, туку ги развиваат и профилите на ученик и пристапите за учење предвидени со ИБ – се стремат да ги развијат овие профили односно да бидат истражувачи и мислители, принципиелни, грижливи, балансирани, љубопитни за знаење, комуникативни, отворени, да преземаат ризици и да бидат способни за самоанализа.

– Исто така, ги развиваат и вештините за учење, како организациски, колаборативни, комуникациски, вештини за критичко и креативно размислување, информатичка и медиумска писменост, рече директорот на училиштето кое има 491 ученик во 23 одделенија – 14 во одделенска и девет во предметна настава, сите вклучени во ИБ-програмата.

Во овој пристап на учење се препознаваат сличности со новата концепција која Министерството за образование и наука планира да ја воведе од наредната учебна година, во прво и четврто одделение. Од она што досега го има како информација за концепцијата, која исто така е фокусирана кон стекнување суштинско знаење и вештини и  поврзување на дисциплините, Димов смета дека има сличности со ИБ-програмата, но, вели, не може нешто поконкретно да каже за нивна споредба.

Училиштето е во постојан контакт со седиштето на Меѓународната ИБ образовна фондација со седиште во Женева, основана во 1969 година, и оттаму, посочува Димов, на секои три години се прави евалуација.

Меѓународната образовна ИБ-програма ја следат над еден милион ученици во светот. Опфаќа три генерални програми – за одделенска настава (од 3 до 12 години), за предметна настава (од 11 до 16 години) и програма диплома (за ученици од 16 до 19 години).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот