Брајант го обожуваше Милан, а анегдотата со Роналдињо и Меси е легендарна

Сите големи фудбалски екипи му оддаваат последна почит на трагично загинатиот Коби Брајант.

Во пресрет на дербито во шпанската Ла Лига, помеѓу Реал и Атлетико, му беше оддадена последна почит на Коби Брајант кој минатата недела бо хеликоптерска несреќа трагично го загуби животот.

Фудбалерите на двете екипи прегрнати стоеја на центарот на „Сантијаго Бернабеу“ и со навивачите одржаа една минута молк.


„Уште една почест од фудбалскиот свет за мојот сопруг. Благодарам Реал и Атлетико“, напиша на својот Инстаграм профил, Ванеса Брајант, сопругата на Коби.

Освен што беше голем кошаркар и спортист, Коби Брајант го обожуваше фудбалот со кого се зарази додека живееше во Италија. Бидејќи татко му Џо, настапуваше во Италија, малиот Коби покрај баскетот, често се дружеше и со фудбалската топка и беше сосема солиден фудбалер.

Беше голем навивач на Милан, кој исто така му оддаде почит на „Сан Сиро“.

– Доколку ме прашате за кого навивам и доколку ми ја отсечете раката ако кажам Милан, нема да се двоумам. Повторно ќе кажам Милан и ќе ја подадам и другата рака – зборуваше Брајант за неговиот омилен фудбалски тим.

Тој често знаеше за време на паузата во НБА лигата, да доаѓа во Италија која ја сметаше за втор дом и да ги следи натпреварите на Милан. Колку беше фасциниран од Италија говори и податокот дека неговите четири ќерки Џиана Марија, Наталија Диаманте, Бјанка Бела и Капри, имаат италијански имиња.

Неговиот втор омилен тим е Барселона, со кого имаа ист спонзор и често правеа заеднички маркетинг проекти.

Така Коби стана голем пријател со Роналдињо, а за време на нивното другарување настана анегдота која е легендарна. Самата анегдота ја откри токму Брајант.

Барселона за време на летните подготовки престојувала во Лос Анџелес, а Брајант одлучи да ги посети фудбалерите на еден од тренинзите. Тој почнал да разговара со Роналдињо кога во еден момент Бразилецот му рекол на Коби: „Дојди да ти покажам еден играч кој ќе стане најдобар“.

Брајант го запрашал фудбалерот: Рони, зарем не си ти најдобар? Кој може да биде подобар од тебе?

„Кога ќе ти кажам, дојди“ му се обратил Роналдињо на младиот тинејџер, а тогаш до нив двајца дотрчал, никој друг туку Лионел Меси.

„Овој, малиот ќе биде најдобар? – зборувал Брајант со неверица.

„Да, овој малиов“, одговорил Роналдињо, мислејќи за тогаш 17-годишниот Меси.

НБА легендата потоа зборувал со Меси и му дал неколку совети. Му објаснил колку е важна работната навика и му рекол дека не смее да се опушти ниту кога е на залезот од кариерата, туку мора уште понапорно да работи.

Брајант во јавноста ја раскажа анегдотата после  10 години и притоа заклучи:

– Меси уште сега е еден од најдобрите спортисти на сите времиња. Упорноста, интелегенцијата со која игра, како и вештините кои ги поседува, го издигнуваат над останатите – зборуваше Брајант.

Меси и Брајант потоа станаа добри пријатели и секое лето поминуваа заедно одредено време, а Аргентинецот не пропушти да се прости од легендарниот кошаркар.

– Немам зборови. Беше задоволство да се запознаам со тебе и да го делам времето со тебе. Малку се такви генијалци каков што беше Коби – порача Брајант.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот