Божикна приказна: Романса со многу хумор и со малку горчлива вистина

Целиот тираж од првото издание на романот „Два Божика“ од Лилјана Пандева се распродаде за помалку од една недела и во подготовка е второто издание, кое ќе излезе кон средината на јануари 2021 година, извести издавачот „ПНВ Публикации“.

Станува збор книга со ведра приказна, романса со многу хумор, но и со малку горчлива вистина. Книгата е напишана во препознатливиот стил на Пандева, познат за читателите на нејзините книги, какви што се „Класифицирано“, „Дневници на една љубов“, „Доилката“, со која ја освои наградата „Стале Попов“, и други, на убав, раскошен македонски јазик, вешто плетејќи ја приказната што идеално би функционирала и кога би била филмувана.

– Пероискусната авторка Лилјана Пандева пред божикната магија нè дарува со најубавиот дар (краснодар) – магнетски привлечната приказна за девојката од нашето маало, Дона и еден костумиран брегзитски лутонец, и тоа сред Брисел, благодарејќи на којa го осветлуваме, го оживуваме празникот, светлината што секој од нас, дури и како возрасен, да не се изразам оксиморонски како возрасно дете, ја носи во дамарите на својата душа. Во преден план, навидум, е доминантната љубовна, божикна приказна донесена преку вешта и умесна игра на зборови, преку антропонимиски досетки, преку описи во бои, во фигури, со мириси и воедно и преку слаткиот, допадлив јазикоопитен израз; но оваа почетна метро-приказна има во себе сплетено длабоки и широки теми и вистини преку застапувањето и вреднувањето на единствени македонски (лингво)културеми кои имале и имаат траен и најдлабок печат во душата на секој од нас – напиша за книгата доцент Марија Паунова од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот