Божиќна литургија во Битола: Кои се помоќни – црните мантии или белите мантили?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пандемијата во Македонија и загубените 2.592 животи според последните бројки од Министерството за здравство покажуваат дека докторите, а и медицината колку и да е современа, не се семоќни во справувањето со коронавирусот.

На првиот ден од Божиќ, битолчани во скромен број го посетија соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола на Света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Повеќето верници во текот на целата литургија носеа маски и држеа дистанца, што е забележливо од фотографиите кои ги направи фоторепортерот на „Слободен печат“ Драган Митрески.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Собирите, од друга страна се забранети но органите на редот не само во Битола туку и низ целата држава каде овие денови се одржуваат божиќни литургии замижаа пред духовните потреби на православните верници.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Дозволете ни уште еднаш да напоменеме и укажеме дека пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, која во последниот период пустошеше во Битола и Прилеп во нашата Епархија, но и во целата наша Татковина, е Божјо допуштение. Ова е Божја опомена заради нашата гревовност, и заради нашата отуѓеност од Бога. Затоа апелираме, да се запазуваат мерките за заштита, да се чува телото, кое е создадено да биде храм на Светиот Дух, но, уште повеќе, да се зачува душата која е поскапоцена од телото, им се обрати митрополитот Петар на собраните верници.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

И така беше во Битола, скромно со верници, но богато во духовна смисла. А битолчани се испатени од пандемијата. Првите 7 дена од годинава бележат 57 новозаболени од ковид-19, и во истиот период 179 оздравени и само 4 починати сограѓани. Последниве два дена, според податоците на Министерството за здравство во градот нема нови позитивни случаи на коронавирус, ниту починати лица, само оздравени.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Секое неконтролирано групирање може да предизвика ширење на епидемијата во градот која сега се држи под контрола со вкупно 404 активни случаи, од 3096 колку што се регистрирани од почетокот на пандемијата во март минатата година.

Владиката Петар, свесен за ситуацијата во градот им порача на битолчани:

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– За жал, се чини дека не извлековме и не извлекуваме поука од опасноста на смртоносниот Ковид 19 вирус. Покажавме дека сме крајно несериозни и неодговорни, почнувајќи од најповиканите до последните. Жалосен е фактот дека, додека едни страдаат и се борат за опстој на телесниот и душевниот живот, а со нив страдаат и нивните најблиски, особено на оние околу 2500 починати, а другите наместо да сочувствуваат, доколку не можат да сосрадуваат со страдалниците, се оддаваат на разврат, пијанство, дрога, журки, веселби поради изборни победи и понатаму обземени со мислите и чувствата, небаре вечниот живот е овде на земјата. Уште многу пати, па и постојано ќе укажуваме и нема да престанеме да ги жигосуваме грешните однесувања, постапки и дела, сѐ додека не се поправиме, како што вели Свети Апостол Петар, им се обрати тој на верниците.

Божиќ Битола 8
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ден подоцна, откако поранешниот директор на Клиниката за токсикологија и професор на медицинскиот факултет, д-р Нико Беќаровски остро го критикуваше вчерашното причестување во повеќето црковни храмови низ Македонија, владиката Петар возврати:

„Тоа се глупости на луѓето што не знаат ништо за верата. Кога велат дека треба да се причествуваат луѓето со повеќе лажички, тоа се свети тајни, тоа е Христос, неговото тело и крвта, Христос е лекарот над сите лекари, тој не заразува, тој лекува. И тука немало досега ниту еден случај некој да се разболел или да умрел од причеста. А умреле луѓе што не се причестиле и што не се излекувале. Тоа се само приказни на неверниците, на атеистите, без оглед дали се луѓе само од црквата. Овие реакции се неоправдани затоа што ние повикавме како црква и се придржуваме на тоа во најголема мера, но вие знаете дека не можете до крај луѓето да ги натерате да бидат исполнителни, па дури и во семејството. Во најтесното семејство не можете конечен ред да ставите, а камоли во поширокото семејство, во заедницата и така натаму“, вели владиката Петар за „А1он“.

„Сите Вие кои вчера со едно исто лажиче по храмовите се причестивте, десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили го обесчестивте. Кога на 19 јануари ќе Ви требаат белите мантили, а не црните мантии, ние ќе се „бањаме“ за да симнеме дел од потта под скафандерите и талкот под ноктите, напиша д-р Беќароски претходно на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот