Божикна контрачеститка

Фото: Слободен печат

Социјалните мрежи се извонредна алатка за ширење позитивна енергија, особено во текот на празниците. Луѓето што не живеат во етнички мешани средини добиваат шанса да се помешаат и да ја почувствуваат шареноликоста на мулитетничноста и мултиконфесионалноста.

Социјалните мрежи донесоа голем број негативни работи во изминативе години, но од друга страна создадоа клима на добрососедство. Тоа, пред сè, се однесува на можноста луѓето од различни нации и религии меѓусебно да си ги честитаат празниците.

Сведоци сме дека Македонците и православците ревносно ги честитаат католичките и муслиманските празници, а по добро втемелениот ред следува и возвраќање на честитките.

Но, секогаш има некој што ќе ја расипе забавата. Некој опскурен лик што на Рамазан ги кара христијанските верници што им честитаат празник на муслиманите. Ќе ги прекори за нивната „понизност“ и за нивното „поданичко“ однесување. Такво нешто неодамна му се случи и на Мухамед Салах, голгетерот на Ливерпул и египетската фудбалска репрезентација.

Салах, како и поголемиот дел од соиграчите во Ливерпул, на Божик (грегоријански календар) објави семејна фотка со која на верниците им го честиташе Христовото раѓање. Тој, во друштво на сопругата и ќеркичката, позираше пред камерата, видно празнично расположен. Навивачите на Ливерпул, но и голем број корисници на социјалните мрежи што фудбалски припаѓаат на други клубови, со воодушевување ја примија честитката на египетскиот фудбалер. Но, имаше и контрачеститки и тоа во овој случај од двете страни.

Муслиманите на Салах му замерија што во заднина се гледа огромната накитена елка, која ниту едно муслиманско семејство не би смеело да ја има во својот дом. Христијаните, пак, негодуваа што неговата сопруга носи хиџаб, што само по себе било навреда за нивните религиозни чувства.

Салах поголемиот дел од кариерата ја помина во Европа, каде што свесно или потсвесно потпадна под „магијата“ на претпразничната треска. Како и голем број муслимани деновиве, и тој преку социјалните мрежи им го честиташе Божик на верниците, но ете и тој доби контрачеститка.

Социјалните мрежи се извонредна алатка за ширење позитивна енергија, особено во текот на празниците. Луѓето што не живеат во етнички мешани средини, добиваат шанса да се помешаат и да ја почувствуваат шареноликоста на мулитетничноста и мултиконфесионалноста. Но, таму некаде во сенките, во длабочините на човековото пропаѓање, демнат пропалитетите, кои на секоја честитка возвраќаат со контрачеститка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот