Божествениот Али и нежниот Груби

Фото: Слободен печат

Имала Македонија поети за политичари и претходно. Имаше земјава дури и премиер од поет, кој на власта дојде со стиховите во кои го „мочаше“ главниот град. На крајот од неговиот мандат тоа и навистина се случи, но тоа не е тема во моментов. Туку тема е Артан Груби и неговите божествени стихови.

Во секој човек може да се пронајде скриен талент. Јас така еднаш открив дека можам да изедам 70 ќебапчиња, а прославениот политичар од нашето секојдневие го откри својот поетски талент и тоа само неколку минути по објавувањето на резултатите од претседателските избори во Македонија. Кога на сите им стана јасно дека Стево Пендаровски има недостижна предност пред Гордана Силјановска, Груби доби такво разнежнување на душата, од што произлегоа стиховите кои уште сега можат да се вметнат во класичната енциклопедија на светската поезија, а беа објавени на Фејсбук:

Али Ахмети и ДУИ прават Претседатели на Собрание

Али Ахмети и ДУИ прават Премиери

Али Ахмети и ДУИ прават Претседатели на државата

Без Али Ахмети и ДУИ не ја бива работата

П О Б Е Д Н И Ц И

Во овие, ќе истакнам, генијални кованици, јасно се гледа намерата на авторот на својот водач да му ја додели титулата божествен, по примерот на Октавијан Август, кој од римскиот Сенат пред две илјади години доби „стихови“ со слична содржина.

Претпоставувам дека од немање време, бидејќи политиката е ѓаволски напорна работа, Груби не продолжи со макар уште една строфа, која сметам дека би изгледала вака некако:

Али Ахмети и ДУИ прават сонцето да изгрева

Али Ахмети и ДУИ прават тревата да расте

Али Ахмети и ДУИ прават ден и ноќ

Без Али Ахмети и ДУИ Хигсовиот бозон, би бил само озон

Б О Г О В И

Нормално дека ситните души, какви кај нас ги има многу, се обидоа овие златни стихови да ги осквернават и да ја променат нивната смисла. Па на социјалните мрежи се појави препев, кој ќе го објавам само поради желбата да покажам какви злонамерни типови демнат во нашето општество:

Али Ахмети и ДУИ прават трговија на гласови

Али Ахмети и ДУИ полнат гласачки кутии

Али Ахмети и ДУИ прават местени тендери

Без Али Ахмети и ДУИ демократијата би била сведена на волја на народот

П О С Р Е Д Н И Ц И

Ќе повторам дека се работи за ситни души, кои ниту во најсветлите моменти на нашето политичко небо, не можат да пронајдат светлина во душата, за да барем за миг се разнежнат. Како што тоа впрочем му успеа на Артан, кој од хулиган, преку чиновник во странска амбасада, па пак хулиган, стана политичар и поет.

За крај би се осмелил само да дадам куса критика на поезијата. Од филозофски аспект, делото на Цицерон „За пријателството“, во кое тој му се восхитува на големиот војсководец Публије Скипион Африканецот, во споредба со артановите мисли изгледа како состав напишан од прволаче. Доколку, пак, се анализира љубовниот сегмент, тогаш можеби само трагедијата „Ромео и Јулија“ на Вилијам Шекспир е кадарна да се израмни со стихот во кој е „обљубен“ големиот партиводец Али Ахмети.

Видео на денот