Божествената моќ на босилекот

Босилекот со карактеристичен мирис, претставува зачин, лековито и свето растение, кое во многу региони има посебна важност. Потекнува од Индија, а во Европа во 12 век го донеле монаси. Босилекот има епитет на божествена моќ.

Записите покажуваат дека за босилекот знаеле уште во древен Египет. Зборот босилек доаѓа од грчкиот збор „базиликон“, што значи кралски или почит на старите култури за неговото постоење. Римјаните го поистоветувале со љубовта и лојалноста и верувале дека мажот засекогаш ќе ја сака жената од која ќе добие гранче босилек, додека во Индија го негувале како симбол на добредојде.
Како зачин, босилекот им дава вкус на јадењата, го подобрува варењето на тешка храна. Кулинарите го препорачуваат како додаток на јадења од компири, пченка, карфиол и модар патлиџан. Во медитеранската кујна претставува основен дел на сосови и преливи за јадења со тестенини.

Сушениот босилек има посилен вкус од свежиот, па треба да се додава на манџи и разни други јадења од зеленчук, како што се грашок и грав, но и во салати и намази.

И традиционалната медицина ги цени лековитите својства на босилекот. Се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, штити од крвавење, а во вид на чај за намалување на менструалните болки. Сокот од лисјата се користи против настинки, воспаление на ушите и ушното тапанче, против несоница и намалување на нервозата, како и за зголемување на апетитот. Со свеж босилек успешно се лекуваат болни отечени зглобови, а пред сè, зглобови зафатени со артритис. Еугенолот, кој на босилекот му дава препознатлива арома, е клучна состојка која делува против воспаленија.

Чајот од босилек треба да го пијат доилките, бидејќи го поттикнува создавањето на млеко. Се подготвува така што листовите од сув босилек ќе се прелијат со зовриена вода и се оставаат 10 минути. Овој напиток може да се пие секој ден, но по осум дена треба да се направи пауза од две недели.

Поради седативното дејство, единствено не се препорачува на трудници, како ниту на бебиња помали од шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот