Божем сеедно им е, ама не ја укинаа апанажата

Собрание седница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

За укинувањето на надоместокот за избраните и именувани функционери по крајот на мандатот најголемиот дел од пратениците воопшто не гласаа иако беа во салата, што е невообичаено за Собранието.

Пратениците во големо мнозинство го отфрлија предлогот на Левица да им се укинат привилегиите по завршување на функцијата, односно една година да земаат пратеничка или министерска плата. Само малкумина сакаа јавно да зборуваат за тоа кога „Слободен печат“ се обиде да дознае кои пратеници гласале „за“, а кои „против“ укинување на апанажата.

Укинувањето на апанажата за избраните и именувани функционери доби поддршка од само 16 пратеници, 13 беа против, и што е невообичаено за Собранието, другите пратеници воопшто не ни гласаа иако беа во салата. Според собраниски извори, СДСМ и коалицијата воопшто не гласале, од ВМРО-ДПМНЕ дел гласале за законот, дел против, од ДУИ гласале против укинување на апанажата, додека Беса, Алијанса за Албанците и Алтернатива не гласале, иако и тие се против предлогот на Левица.

Крмов: Нека биде волјата Господова, претседателe!

Од владејачкото мнозинство официјално никој не сака да зборува за апанажата, само коментираат дека станува збор за популистички предлог и дека ставот зошто се против го кажал претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери од говорница порача зошто ќе гласа против и истакна дека Собранието не е локална самоуправа која работи на доброволна основа, без надоместок.

– Образложението дека има функционери што се милионери и на крајот на мандатот го користат законското право што им припаѓа по закон, било главниот проблем. Што ќе правиме со оние што не се милионери. Еве, вие Крмов, не сте милионер и по завршувањето на мандатот, ќе треба да останете на волја Господова. Сме имале ситуација овде за поранешен пратеник да се постави кутија за собирање средства за парична помош – рече Џафери обраќајќи му се на пратеникот на Левица, Борислав Крмов.

Крмов, пак, му порача на претседателот на Собранието:

– Нека биде волјата Господова, претседателe. Бог е милостив спрема праведните – рече Крмов.

За повеќето предлогот е популистички

Само пратеникот од владејачката Алтернатива Скендер Реџепи ни потврди дека не гласале за предлогот.

– За мене лично е сеедно дали ќе има апанажа или не, но секако ми пречи популизмот на предлагачот и омаловажувањето на институцијата пратеник од нивна страна. Институцијата пратеник е волја на граѓаните, донесена на избори, и е одговорност кон државните политики, развој и безбедност како и благосостојбата на граѓаните, и секоја изедначеност на таа институција со општите работни места, со сета почит кон сите други работни места, е навреда за институцијата пратеник и одговорноста која следува според Уставот – вели Реџепи.

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците вели дека и тие не гласале за предлог-законот, бидејќи тој е популистички.

– Од нашата пратеничка група освен двајца пратеници, сите имаат работни места на кои ќе се вратат по истекот на пратеничкиот мандат. Значи, не сме толку лично засегнати за апанажа, но на тие што немаат работни места, мора да им се овозможи извесен период да примаат апанажа додека се снајдат за работа – вели Снопче.

И пратеникот од Беса Фадил Зендели е против укинување на апанажата.

– Не поддржуваме да се укине апанажата. Тоа се популистички предлози. Иако јас лично не сум засегнат бидејќи сум професор на Штуловиот универзитет и по завршувањето на пратеничкиот мандат ќе се вратам на факултетот, сепак сметам дека апанажата е европски стандард. Има пратеници што остануваат без работа и потребен им е период додека се снајдат – вели Зендели.

Левица предложи укинување на апанажата за избрани и именувани функционери откако по формирањето на Владата на Димитар Ковачевски, ексминистрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска, Мила Царовска и Аријанит Хоџа поднесоа барања за апанажа. Ставот на Левица е дека е недозволиво во една од најсиромашните земји во Европа да се издржуваат функционери милионери и дека апанажата е еден вид класна и социјална дискриминација.

Апанажа за тие што останале без работа, само каква?

Ако во Собранието нема расположение да се укине апанажата за министрите и за пратениците, тогаш апанажа да добиваат сите работници во Македонија што ќе останат без работа, е новиот предлог на Фејсбук од лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев.

– По одбивањето на предлогот за укинување на апанажата за функционерите, Левица ќе предложи воведување на „апанажа“ и за работниците што останале без работа. Веќе работиме на предлог-законот – напиша Апасиев.

На ова на Фејсбук реагираше членката на партијата Твоја, професорката Мирјана Најчевска.

– Кога не читаш закони, а се правиш професор. Работниците веќе имаат „апанажа“ и таа се вика паричен надоместок во случај на невработеност и е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Може да се разговара за висината на апанажата, за висината на паричниот надоместок, за времетраењето, меѓутоа, малку знаење не е на одмет – напиша Најчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот