Бозаџии ли ги реконструираат скопските улици?
Што се случува во Скопјево? Има ли закони, казни, имаат ли некаква моќ општините и Градот за да го спречат дивеењето низ градот во градежништвото, за да има некој ред, квалитет, одговорност…
Кои фирми работат на реконструкција на улиците во Скопје и со каков капацитет градежници располагаат? Дали се тоа луѓе приучени, присобрани од улица, што би се рекло народски? Дали луѓето што вршат надзор над изведбата знаат што треба да надзираат или чекаат јавноста да ги информира што е згрешено при реконструкцијата? И, конечно, во ситуација кога голем број градежни работници си заминаа, дали некој има намера во тендерските услови да побара од фирмите да достават спецификации за кадарот што треба да ја заврши работата на терен?
Во изминатиов период бевме сведоци на неколку случувања за кои на човек просто не му се верува дека се можни. Улицата Козара во Капиштец двапати неуспешно се асфалтираше и се вадеше тазе ставениот асфалт. Ај што најпрво ги затворија шахтите и сливниците со асфалт, па жителите алармираа, па се поправаше стореното, туку по вториот обид, заврна дожд и отвори дупки на асфалтот! На новиот слој, демек на завршена работа. Па што асфалт ќе беше тоа или што работници го поставуваа? Пекари, бозаџии, лимари? Е истите тие сега ја реконструираат Ленинова, оти фирмата го добила и тој тендер: Да видиме што чудо таму ќе се изроди.
Булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов се реконструираше шест месеци. И наместо по толку долг период да дочекаме улица за мерак, со пешачки и со велосипедски патеки, видовме асфалтиран тротоар со искривен дрворед. Ете така, како им дошло си ги поставиле бетонските рабници околу дрвјата, еден понапред, друг поназад, подесно, полево. Сега, откако медиумите направија галама, го израмнија дрворедот. Смешки! Притоа станува збор за реконструкции кои се плаќаат од градскиот и од општински буџети, значи од пари на граѓаните. И секогаш граѓаните реагираат. Што е со надзорот? Спие?
Зад Универзална сала, инвеститор што си гради, и покрај тоа што пред две недели Општина Центар му го затвори градилиштето, урна дел од улицата. Забраната му беше изречена токму поради тоа што не ја обезбедил градежната јама со армирано-бетонски колци за да ги заштити соседните парцели. И улицата се разбира. Сега не само што улицата пропадна, туку има оштетување и на околните објекти. Тој и понатаму си гради. Ќе ја плати ли направената штета и кога? Освен на хартија и со жолти ленти, може ли некој реално да ја спречи изградбата?
Многу прашања и премалку одговори. Што се случува во Скопјево? Има ли закони, казни, имаат ли некаква моќ општините и Градот за да го спречат дивеењето низ градот во градежништвото, за да има некој ред, квалитет, одговорност…
Одговорност нема ниту кај оние што постојат за да им служат на граѓаните и живеат од парите на граѓаните. На пример ЈП „Градски паркинг“. Скандалот со велешанката со инвалидитет на чие возило беа поставени блокатори и мораше да плати казна затоа што се паркирала на место за инвалиди на паркинг на ова претпријатие, иако притоа уредно си платила и на возилото имало ознаки дека станува збор за инвалидизирано лице, покажа каков ѓон-образ имаат вработените во градското претпријатие.
Ниту еден официјален збор за објаснување на ситуацијата, ниту еден. Со денови – ни зуц ни ништо. Демек, директорот Крсте Петревски ѝ се јавил и лично ѝ се извинил. По малтретирањето што го доживеала жената, извинувањето мора многу да ѝ значело. Срамно и неодговорно е да се премолчи ситуацијата. Или директорот ѝ дава објаснување само на градоначалничката Данела Арсовска!?
Затоа, пак, партиите настанот си го искористија за собирање политички поени. Левица на првата наредна седница ќе го повикала директорот на ЈП „Градски паркинг“ на одговорност за случајов! А ВМРО-ДПМНЕ веднаш достави иницијатива за измена на Програмата за повластено користење паркинг-услуги на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ со цел сите лица со попреченост да имаат исти услови за повластено паркирање независно од нивното место на живеење. Бре, бре! И самите знаат дека вакво нешто е тешко да помине затоа што се работи за градско, а не за државно претпријатие, ама ете да се „работи“ нешто.
Одговорност треба, и казни за секое безобразно и самоволно однесување на вработените во јавната администрација. Без оглед дали станува збор за граѓанин со инвалидитет или не.
Можеби и градоначалничката може малку да си се позанимава за тоа.