Босилков: На овие избори се случува досега невиден политички феномен

д-р Иво Босилков / Утрински брифинг

Пробивот на независните опции, посебно во Скопје, е политички феномен без преседан на овие простори, вели во разговор за „Локално“, политикологот и професор на Американ Колеџ, Иво Босилков.

Според него огромен број граѓани повеќе не гледаат нивна претставеност во било која партија, и имаа доволно свест и храброст тоа да го изразат на изборите

-Очекувано, овој тренд на откажување на лојалност кон партиите е далеку поинтензивен кај прогресивниот дел од популацијата отколку кај конзервативниот, кој е традиционално ригиден. Од ова најмногу губи СДСМ, но на долг рок нема да биде имун ниту ВМРО-ДПМНЕ, смета политикологот.

Како што вели Босилков, водството на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на локалните избори се должи на катастрофалните политики на СДСМ кои ги води и на централно и на локално ниво.

-Ова е класично казнување. Политиките на СДСМ откако се дојдени на власт и на централно и на локално ниво се катастрофални. Станаа синоним за некомпетентност, сервилност, корупција и мешетарење. Не постои никакво владеење на правото, менаџментот на здравствената криза им е очаен, никакви ветувања не исполнија. Единствено во што се добри е удоволување на олигархијата, коалициските партнери и меѓународниот фактор. Граѓаните имаат впечаток дека дојдоа на власт единствено да ги задоволат своите апетити за фотељи. ВМРО е исто така бледа и безлична, но нејзините гласачи се фиксни, што се покажа на овие избори. Водството на ВМРО се должи на падот на поддршката за СДСМ, не на некаков нивен раст, објаснува Босилков.

Во врска со тоа колку Левица одигра улога во резултатите, Босилков смета дека партијата добила стабилен пораст кој се должи на пресметана стратегија и консистентна и ефективна порака.

-Колку таа стратегија е одржлива на долг рок не сум сигурен, затоа што заштитниот знак на Левица се национални прашања како името, меѓуетничките односи и слично, прашања кои со децении го дефинираат ВМРО, а нивната база е прилично цврста. На овие избори многумина неопределени се одлучија за нив затоа што не сакаа да гласаат ниту за СДСМ ниту за ВМРО, а им беше страв дека глас за независните ќе биде фрлен глас. Сега откако се покажа дека тоа не е така, мислам дека Левица ќе дојде до плафон на растот, затоа што со нивниот инфламаторен стил кој се граничи со отворена омраза, создадоа премногу антагонизам кај голем дел од потенцијалните гласачи на кои им е смачено од константен партиски конфликт, вели политикологот, додавајќи дека партиите се водат од калкулации и играат тактички.

Аналитичарот смета дека добрата вест од овие избори е што граѓаните стануваат свесни за фактот дека целокупниот политички естаблишмент се грижи само за себе и не можат да се надеваат на ништо од нив.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот