Бошко Лепчески: Галичките мајстори прават бренд, но сирењето не е платено колку што вреди

Бошко Лепчески
Бошко Лепчески и неговата сакана Тања / Фото: Приватна архива

Галичкото традиционално овчо сирење е единствено – од местото каде овците пасат до начинот и кој го прави сирењето, народно кажано „бач“, па до „мандрата“ односно местото каде што се молзат овците и се преработува млекото, хигиената во трлата, киселоста на млекото, температурата и складирањето – вели Бошко Лепчески за „еспресо.мк“, производител на галичко овчо сирење.

Галичник му е и во устата и во срцето. Оттаму потекнува, живее во Скопје, но илјадници видливи и невидливи нишки го врзуваат за оваа планинска грутка вгнездена на падините на Бистра, прославеното село со традиционална архитектура, едно од двете најстари мијачки села во регионот. А штом помислиме на Галичник, веднаш ни текнува на, ммм…, галичкото сирење на семејството Лепчески и на нивниот зелен двор крај галичката куќа со преубав поглед кон црквата „Свети Петар и Павле“ и околниот планински венец.

– Може да замислите колку труд и ресурси се вложени во минатото кога се населувал Галичник, со тогашната технологија да изградиш огромни куќи амфитеатрално поставени на планински пејзаж со карпест предел – нè потсетува Бошко Лепчески, производител на галичко овчо сирење и чувар на галичката традиција.

галичник
Галичник / Фото: Приватна архива

Зошто да се посети Галичник (и) ова лето?

– Галичник е историја, Галичник е место што мора да се посети за да се доживеат сите негови убавини, Галичник е посебен во сите годишни времиња со целиот негов колорит, со еден збор Галичник е библиско место.

Температурната разлика со градовите, пред сè, е мотив да избегате од летните горештини. За разлика од зимскиот период, кога Галичник е непрооден, во летниот период Галичник нуди многу активности, како планинарење, возење велосипеди, возење мопед на четири тркала, посета на музејот и црквите… Во Галичник се одржува галичко културно лето со многу манифестации и фестивали.

Кога Галичник ги живее своите најраскошни мигови во годината?

– Галичник својата кулминација ја доживува секој Петровден, во јули, кој е ден на раскошните носии, езгиите, величествените обреди и ритуали на единствената Галичка свадба. Кој не престојувал во Галичник, ја нема доживеано Македонија во целост. Галичник е природа, историја, активен туризам и љубов во едно. Галичник е место што нема да остави никого рамнодушен.

Бошко Лепчески
Фото: Приватна архива

Во 2017 година и вие бевте директен учесник на Галичката свадба кога се венчавте со Вашата избраничка, исто така по потекло од Галичник, Тања Чаловска. Какво искуство понесовте од тој своевиден театар на отворено, атрактивен и за домашните и за странските гости?

– Задоволство и чест беше да се продолжи вековната традиција, со македонски изворни песни, зурли и тапани, со живописните народни носии што пленат со својата филигранска прецизност и точност, со изведување на обичаите од минатото за да ги сочуваме од заборав. Духот и генезата на галичаните е пресликан преку Галичката свадба, која преставува театар на отворено со многу оригинални, единствени и неповторливи обреди и ритуали. Ме радува фактот што од година во година е зголемено интересирањето за учество на младите во галичката свадба.

Да се биде во Галичник, а да не се проба галичко сирење, е како да престојување во Париз, а да не ја видите Ајфеловата кула. Што го прави овчото галичко сирење препознатливо и според многумина најдобро сирење од нашето поднебје?

– Години наназад „брендот“ на Галичник е галичкото сирење и кашкавал. Да се занимаваш со оваа дејност подразбира два периода, летен и зимски. Во лето кога овците пасат низ преубавите падини на планината Бистра и во зимскиот период кога овците се носат во потоплите краишта во нашата држава.

Галичкото традиционално овчо сирење го прават специфично многу фактори како местото каде овците пасат, начинот и кој го прави сирењето, народно кажано „бач“, „мандрата“ односно местото каде што се молзат овците и се преработува млекото, хигиената во трлата каде што се чуваат овците, киселоста на млекото, температура, складирање и слично.

галичник
Фото: Приватна архива

Како изгледа накусо процесот од пасиште до трпеза?

Тежок е патот од преработка на сирењето до трпеза имајќи ги предвид пласманот, инфраструктурата односно превоз на сирењето од бачило до местата каде што ќе се продава, како и цената, од причина што квалитетот на овчото планинско сирење не може да се спореди со оној на индустриски добиеното што се продава во маркети. Во секој случај, Македонија треба да е горда на овој производ од галичките мајстори, за кој со сигурност може да кажеме дека е бренд.

Платен ли е трудот за вредноста на сирењето?

Галичкото традиционално овчо сирење сè уште не е платено колку што треба, во споредба со тоа колку работа и марифет е потребно и колку овци односно литри млеко се потребни за да се направи килограм сирење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот