Борко: Со три победи во првиот круг, имаме шанси за добар резултат на ЕП 2020!

facebook.com/rfmofficial

Чуварот на мрежата кој на 2 ноември го прослави 37 роденден, говореше за репрезентативните обврски кои ги имаше во рамките од ЕХФ неделата како подготовка за настапот на Европското првенство кое ќе се одржи во три земји (Австрија, Норвешка, Шведска), 9-26 јануари 2020 година.

Еден од најискусните во нашата најсилна репрезентација, Борко Ристовски на клупски план ги брани боите на португалската Бенфика со која наскоро ќе има двомеч како последна пречка за влез во групите на ЕХФ купот.

Во рамките од ЕХФ неделата (21-27 октомври), нашите најдобри ракометари предводени од селекторот Данило Брестовац, најпрвин одигра два пријателски натпревари во Ескишехир, триумфира над домаќинот Турција (26:23), а ремизираше со Италија (26:26).

Во Скопје беа одиграни уште два контролни мечеви, со победи против селекцијата на Грузија (25:21, 29:28), мечеви одиграни во А1 Арената СЦ „Борис Трајковски“.

– ЕХФ неделата ја искористивме максимално во која одигравме повеќе натпревари кои на селекторот му служеа да провери дел од играчите и нормално да добијат соодветна минутажа за да осетат која е одговорноста кога се настапува за Македонија. Мислам дека имаме добар спој на младост и искуство. На помладите им фали уште некое време за да можат комплетно да ја преземат репрезентацијата, така да кажеме. Но, со време и натпревари и тоа ќе дојде – ни изјави Ристовски.

Македонија по шестипат ќе биде на континенталните собири, најдобриот пласман го имаше во 2012 година освојувајќи го петтото место. Потсетување дека Македонија на ЕП 2020 ќе игра во групата „Б“ заедно со домаќинот Австрија, Чешка и Украина.

Својот прв меч ќе го имаме на 10 јануари против Украина (20.30 часот), два дена подоцна од 18.15 часот против Чешка, а на 14. јануари против Австрија (20.30 часот). Сите мечеви ќе се играат во салата „Винер Штадхале“, Виена. Првопласираните две репрезентации ќе се пласираат во главната фаза меѓу најдобрите 12 репрезентации во Европа.

– Групата на прв поглед изгледа неатрактивна и лесна, затоа што нема нели репрезентации од кремот, но морам да нагласам дека е многу опасна и доколку не сме 100% спремни ќе имаме проблеми. Сите три репрезентации ќе си бараат свои шанси за победа и мислам доколку успееме да оствариме три победи во првиот круг, имаме шанси за добар резултат на ова ЕП. Но, пак да нагласам ќе бидат тоа три доста тешки и изедначени натпревари за кои мора да сме максимално спремни – додаде македонскиот репрезентативен голман.

Играчот на Бенфика имаше клучен придонес во успехот од 2. квалификациско коло од ЕХФ купот кога со две победи беше елиминирана бугарската Дубрава (29:28, 34:16). Како последна пречка до групите на ЕХФ купот за Португалците ќе биде хрватскиот Нексе.

Првиот меч ќе се игра на 16 ноември во Нашице (Хрватска), а реваншот е една недела подоцна на 23 ноември во Лисабон.

– Во Бенфика се чувствувам навистина добро. Условите со кои располага клубот се навистина на високо ниво и останува на нас буквално само да го даваме нашиот придонес на терен за што подобри резултати. Имаме два доста интересни натпревари со екипата на Нексе. Морам да признаам беше мој и наш посакуван противник и се надевам дека ќе одиграме квалитетно и да се пласираме во групната фаза на ЕХФ купот – се зборовите на Ристовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот