Борисов: Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира

Зоран Заев Бојко Борисов
Зоран Заев, Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Желба да се деблокира европскиот пат на Северна Македонија или вешт предизборен обид да ја препорача ГЕРБ како единствена европска партија која може да биде влечен погон за бугарското општество и македонскиот интегративен пат?

Овие прашања ги наметнаа изјавите на поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, дадени на вчерашната средба со претставници на партискиот подмладок и млади партиски кандидати за пратеници од Софија.

Средбата е одржана на роденденот на Борисов (13.6.1959), кој вчера наполни 62 години и по тој повод ги почести младите колеги со бонбони, сокови и совети, при што речиси половина од разговорот бил посветен на Северна Македонија.

Ако се има предвид дека на средбата „гостувала“ и камера, сосема е јасно дека Борисов сакал да испрати јавна порака за неговите ставови. А тие сега се различни од времето кога тој ја предводеше бугарската влада, која го блокираше почетокот на македонските преговори со ЕУ.

Да не се мразиме

Уверира во темата дава „рапортот“ на еден од младите кој објаснува дека на средбите зборувал за темата што му е најмногу при срце – за Македонија

– Зборував дека е многу важно Македонија да влезе во ЕУ затоа што ние сме еден народ во две држави, меѓу нас не може да има граници, но во исто време она што се случува таму, според мене е неприфатливо, вели претставник на младината на ГЕРБ, потенцирајќи дека не смее да се задржуваат бугарски книги на македонската граница.

Според него, ГЕРБ е единствената партија кој прва ѝ дала европска перспектива на Северна Македонија, и е во состојба да го заврши тој процес, со заштита на бугарскиот национален интерес.

На ова се надоврзува Борисов, и упатува критика за бугарскиот претседател и техничката влада.

– Вчера Зоран Заев ми се јави, зашто сега властите можеби се обидуваат да излажат многу луѓе. Затоа што начинот на кој тие ги конструираат работите на крајот ќе биде или многу лош за Бугарија, или ќе направиме народите на двете најблиски земји да се мразат меѓу себе во следните децении. Вистината е дека нашиот Договор за добрососедство беше најдобриот чекор. И нашата стратешка цел е пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, изјави лидерот на ГЕРБ.

Понатаму во разговорот од негова страна најмногу доминираат пораките против омразата, чиј извор го лоцира во претседателот на државата.

– Вие, младите, треба да сторите сé што е можно сегашните и следните поколенија да не се мразат. Радев ја подели државата во сè (…) Сега го разделија народот и за темата ‘Северна Македонија’. Што е подобро – да имаш сосед членка на ЕУ и НАТО или не? Почнуваме од рамката. И затоа го склучивме Договорот за соседство. Во овој момент јас мислам дека ги лажат. Ама да го почекаме Европскиот совет на 24 и 25 јуни. Пред тоа е Самитот на НАТО во Брисел. Се надевам дека имаат храброст и вештини да ги водат преговорите што ќе ги направат двата народа на овие две соседни земји – Бугарија и Северна Македонија, најпријателски, вели Борисов.

Тој ја потенцира и големата улога што ја имала неговата влада во процесите во регионот.

– Заборавивте, а не беше толку одамна, во последните 4 години додека ние владеевме, Бугарија беше фаворит на Балканот. Овде се одржаа 40-50 средби, се среќававме на секои 4 месеци – Србија, Романија, Грција и Бугарија за проекти, за да се покаже добра волја. Ние бевме водечка сила на Балканот. Сега, политиката што ја водат ќе направи да се мразиме едни со други. И потоа за што ќе служат европските проекти?, праша Борисов.

Од младите партиски колеги побара да се стават во позиција на Македонците.

– Замислете си дека вие сте Македонци. И соседите, најблиските луѓе ви велат: ‘Нема да одите во Европската Унија. Нема да одите таму’. Дали ќе нѐ сакаат? И затоа се обидуваме со Зоран Заев, и со Стево Пендаровски, се разбира, да направиме така што работите ќе тргнат од долу нагоре. Да, историјата е исклучително важна. Но, оставете историчарите да си ја завршат работата, порачува Борисов.

Вината е 50-50

Според објавената снимка, ниту еден од присутните од подмладокот на ГЕРБ не го праша Борисов зошто во неговиот мандат бил блокиран почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и зошто заедничката комисија за историски и образовни прашања е под постојан притисок за брзи резултати од бугарска страна. Но, внимателно го отслушаа неговиот совет за важноста на интеграциската иднина.

– Знаете ли колку години поминаа од војните? Кога дојде српскиот претседател Борис Тадиќ овде (…) кога тргнал за Бугарија, мајка му му рекла: ‘Внимавај, нема полоши од Бугарите’. Уште стои споменот од војните кај старите поколенија. Сакате ли и вие да израснете во таква средина? Затоа што Радев ги заблудува луѓето. Уште ги признаваат, уште нема да ги признаваат. Има тука Договор за добрососедство. Тоа е најважната точка. Така е создадена ЕУ, од најзавојуваните држави – Германија, Франција, Велика Британија, Шпанија, стогодишни војни… Вие нема да се подведувате од омразата што Радев ја всели во народот, ги поучи младите лидерот на ГЕРБ.

При советите за почитување и соработка, не изостана и фактот дека бугарската песна не добила бодови од Скопје на годинашниот Евросонг.

– Вие треба да мислите како Балканот да стане подобро место за живеење. А тоа може само кога сите сме заедно. Зошто да се мразиш со твојот пријател од Македонија? Денеска ли играат во Букурешт? Тие се пласираа на Европското првенство. Ние не можевме. Ние треба да ги поддржиме, а не како што тие направија неправилно – но така е кога започнуваат тие процеси, и не нѐ поддржаа за Евровизија. А требаше, имено за да покажеме дека сме блиски народи. Така што вината е 50-50. Ние сакавме да завршиме работа. И пак само ние можеме да ја завршиме, потенцира Борисов.

Тој се заблагодари на „сите колеги премиери и претседатели, кои вчераутро го поздравиле, зашто тоа му давало многу кураж дека ГЕРБ е вистинска европска партија”.

Меѓу тие што му се јавиле наведе дека бил претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и колеги од Балканот.

– Многу работа завршивме. Бевме незаобиколив фактор. Дали се зборува во Турција, дали во Србија, дали во Македонија, дали во Грција – сите знаеја дека без Бугарија не бива (…) Од вас барам – вие младите треба да ја завршите работата. Помогнете ми и мене, затоа што само ние можеме да ја завршиме оваа работа така, ем да не биде на штета на Бугарија, ем да им дадеме пат на нашите браќа, порача Борисов.

Преземено од Дојче Веле.

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот