Борис Џонсон со девојката се всели во премиерската резиденција

Новоизбраниот премиер на Велика Британија Борис Џонсон, заедно со неговата девојка, Кери Симондс, денеска се вселија во Даунинг стрит 10.
Со тоа, Џонсон стана првиот британски премиер во историјата кој живее со невенчаната партнерка во премиерската резиденција, пренесува Си-ен-ен.
Во јавноста се шпекулираше дали Симондс, која брзо стана главна тема во британските таблоиди, ќе му се придружи на Џонсон во Даунинг стрит.
Од кабинетот на Џонсон минатата недела кажаа дека уште не е познато дали двојката ќе живее заедно.
Џонсон уште не е официјално разведен од неговата втора сопруга, Марин Вилер, со која има четири деца, а нивниот развод беше најавен во септември минатата година, по 25 години брак, набрзо откако беше потврдена аферата на Џонсон со Симондс.