Борис Џонсон ги отфрли обвинувањата на неговиот поранешен советник

Фото: EPA-EFE/JESSICA TAYLOR/UK PARLIAMENT HANDOUT MANDATORY CREDIT: UK PARLIAMENT/JESSICA TAYLOR HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска одговори на острите обвинувања за неможноста да се справи со пандемијата на коронавирусот, кои вчера ги упати неговиот поранешен советник Доминик Камингс, тврдејќи дека сторил сè за да спаси животи.

Британскиот премиерот, кој претпладнево ја посети болницата во Есекс, рече дека морал да донесе „низа неверојатно тешки одлуки за време на здравствената криза” и истакна дека тие „во секоја фаза биле водени од решеноста да се спасат животи”.

За време на вчерашното седумчасовно сослушување пред парламентарна комисија, неговиот поранешен советник Доминик Камингс го нападна владиното менаџирање со пандемијата во која починаа скоро 128.000 луѓе во Велика Британија, што е највисока бројка во Европа.

Шест месеци по неговото заминување предизвикано од внатрешни несогласувања, Камингс (49), мозокот на кампањата за Брегзит во 2016 година и архитект на јасната победа на Борис Џонсон на парламентарните избори во декември 2019 година, беше немилосрден кон премиерот и го нарече „неспособен”.

Тој тврди дека конзервативниот лидер ги игнорирал советите на научниците и предоцна ја сфатил сериозноста на ситуацијата. Камингс ја обвини Владата дека не ги заштитила жителите на домовите за стари лица од епидемијата и оти после престој во болница им дозволила да се вратат дома без тестирање за Ковид-19, со што го прошириле вирусот.

– Она што се случи во домовите за стари лица е трагично, но ние направивме сè што можеме за да ги заштитиме јавните здравствени служби за да го намалиме пренесувањето, со сознанијата кои ги имавме, истакна Џонсон.

– На почетокот на пандемијата не знаевме како вирусот може да се пренесе асимптоматски и тоа е една од причините што имавме некои проблеми во домовите за пензионери, додаде тој.

Камингс смета дека смртта на „десетици илјади” луѓе можела да се избегне, а тоа тврдење се денеска појави на насловните страници на неколку дневни весници. На сослушувањето, Камингс исто така го обвини министерот за здравство Мет Хенкок „дека неколку пати лажел и состаноци и јавно и оти треба да биде отпуштен”, на што министерот одговори дека се работи за „лажни и неосновани обвинувања”.

Видео на денот