Борел: Војната во Украина може да заврши како во Кореја – со поделба

Жосеп Борел
Жосеп Борел / Фото: EPA-EFE/FREDERICK FLORIN / POOL

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел оцени дека „можно е војната во Украина да не заврши, да се одолговлекува како во Кореја (1953) и да има примирје и воспоставување линија на поделба“, пренесе „Нова“.

Во дискусија во Центарот за меѓународни односи во Барселона (ЦИДОБ), Борел рече дека „тоа би можело да биде излез од војната“, иако често се зборува за тоа кој би можел да победи.

Според шпанскиот весник „Вангардија“, тој истакна дека би било неопходно украинскиот вооружен конфликт да се одвива како во Кореја, „украинската и руската страна да се повлечат од своите позиции“ и да се откажат од барањата, одбраната или освојувањето територии.

Шефот на европската дипломатија јасно стави до знаење дека негова задача е да ги убеди оние земји кои не сакаат да заземат страна во украинската војна дека „лошата страна во тој филм е Русија, а не санкциите на ЕУ“.

Корејската војна заврши во 1953 година со пакт за примирје и ненапаѓање, потпишан од Северна Кореја и Соединетите Американски Држави како сојузник на Јужна Кореја, и во принцип, забележува „Вангардија“, тој договор требаше да доведе до конечен мировен договор, а земјата сè уште е поделена со демилитаризирана зона.

Борел, исто така, изјави дека „сè уште е рано да се размислува за какви било мировни преговори“, ниту дека веќе се размислува за каква било реконструкција на Украина, но „сите напори треба да се фокусираат на избегнување понатамошно уништување“.

Европа, според него, „не смее да си дозволи да се умори од војна“, иако Европската унија како целина и онака не може да има важен збор во мировните преговори бидејќи Русија не дозволува ЕУ да биде соговорник и „шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, секогаш сакаше директно да разговара со министрите на членките на Унијата, наместо со мене“, објасни Борел.

Тој смета дека ЕУ сепак мора да биде на преговарачка маса „бидејќи нашите санкции се клучен елемент на какви било преговори и затоа што безбедноста во Европа е наша безбедност“.

Имајќи ја предвид штетата предизвикана од последиците од украинската војна, како што е скокот на цените на енергијата и храната, шефот на Европската служба за меѓународни односи и безбедност (ЕЕАС) посочува дека „треба да бараме решенија за проблемите создадена од војната“.

И, како што заклучува тој, „не смееме да се заморуваме бидејќи Путин мисли дека западните општества се слаби поради постојаната дебата за тоа и очекува јавното мислење да бара прекин на војната“.

Борел вели дека многу нации од другите континенти, Индија, Пакистан, Кина и земји од Африка, Азија, бараат од мене „да ја прекинеме војната, а тоа би значело прекин на испораката на оружје за Украина, но какви тогаш би биле последиците?

„Ако Русија ја добие војната, ќе тргне да ја постигне следната цел“, рече Борел.

Видео на денот