Борбата за фудбалската власт допрва се разгорува

Срѓан Ивановиќ

Иако Муамед Сејдини во текот на минатиот месец беше избран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија(ФФМ), се чини дека битката за управните функции во макфудбалот допрва се разгорува.
Собранието на кое Сејдини како единствен кандидат беше избран за претседател на ФФМ, беше прогласено за нелегитимно од Агенцијата за млади и спорт, бидејќи не беа направени измените во Статутот на федерација, согласно со постојните закони во земјава.

Во меѓувреме се појави и иницијативен одбор составен од поранешни фунционери, репрезентативци, фудбалски работници и судии, кои побараа измените на Статутот да бидат што поскоро направени, со цел фудбалските клубови да го добијат заслуженото место во одлучувачкиот и изборниот процес во „куќата на фудбалот“.

– Сведоци сме во последно време на негодувања дека Статутот на ФФМ не е во согласност со Законот за спорт, кој предвидува директно вклучување на клубовите во работата и одлучувањето на федерацијата. Ние сме тука затоа што сме загрижени поради тоа што оние кои инвестираат, вложуваат во фудбалот, а тоа се клубовите, немаат право да учествуваат и одлучуваат. Затоа ги повикуваме надлежните во државата доследно да го спроведат Законот за спорт и во ФФМ – изјави Игор Климпер, поранешен генерален секретар на ФФМ.

Промените во Статутот мора да бидат изведени најдоцна до 21 мај, кога на вонредно Собрание треба да бидат изгласани од делегатите, а потоа најверојатно ќе дојде до промена на делегатските листи, бидејќи повеќе од половината членови на изборниот електорат ќе треба да бидат претставници на екипите од првата и втората фудбалска лига на Македонија.

– Клубовите се маргинализирани и тие бараат присуство во федерацијата, со цел да ги одбранат своите права. Тука не станува збор за судир меѓу државата и УЕФА, туку за едноставно владеење на правото. Предложените промени во Статутот сметам дека ќе бидат поздравени и од претставниците на УЕФА – вели Драган Томовски од „Обединети за фудбалот“.

Иницијативата за промени во работата на ФФМ е поддржана од 15 екипи од првата и од втората лига: Победа, Брегалница Штип, Работнички, Беласица, Пелистер, Академија Пандев, Детонит јуниор, Кожув, Тиквеш, Плачковица, Каменица, Вардар Неготино, Скопје, Партизан и Борец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот