Борба за антифашизмот

Фото: Архива

Првиот чекор е луѓето да сфатат дека ако утре сакаат слобода и достоинствен живот за себе и своите потомци, денес им е нужна нова борба за опстанок на антифашизмот и хуманизмот. Потребна им е нова антифашистичка борба.

Македонија секогаш треба да е антифашистичка земја, оти македонската државотворност беше втемелена врз антифашизмот. Од борбата на антифашистите, во времето на Втората светска војна е создадена современата македонска држава. На глобално ниво, сè додека постои фашизмот, антифашизмот треба и мора да опстои како идеја. А, сосема е очигледно, денес, на почетокот на третата деценија од 21 век, фашизмот постои и секојдневно освојува нови приврзаници и зајакнува. За жал, може да се забележи дека антифашизмот е жестоко нападнат и дека е загрозен неговиот опстанок.

Лажни догми

Всушност, едно е сигурно – во предвечерјето на новата Студена војна за прераспределба на економските ресурси, ни следува мрачна пропагандна збрка од профани и световни празноверија и предрасуди, вселенски лаги и глупости, неолиберални измислици и догми, идиотски ревизионизми на минатото и бесни антикомунизми…

Во ваквата светска крвава и луда империјалистичка крчма, каде што огромна толпа политички и интелектуално-професорски опскуранти непрестано ја вреват својата платеничка морозофија, треба да им се помогне на луѓето да ги осознаат и препознаат лажните догми и митови на ревизионизмот, да ги надминат стравовите, канибалството и покорноста кои им ги наметнуваат темните и злобни сили на крупниот капитал, да развијат своја скептичка и агностичка моќ за разбирање на стварноста.

Поаѓајќи од ваквата ситуација, пред левицата на глобално ниво, а и во Македонија, стои како неодложна задача објаснувањето и разоткривањето на лагите на ревизионистичките и антикомунистички митологии. Луѓето треба да сфатат дека им е наметната фукујамовска империјалистичка перспектива преку која се добива калеидоскопска слика за историјата, но и за стварноста, за материјална благосостојба и слободата.

Луѓето треба да сфатат дека компактното „демократско“ мнозинство, составено од ситни буржуи и лумпен-пролетери, од асистенти, доценти, редовни и вонредни професори, примариуси, декани, ректори, академици и беституларни новинарски и НГО теоретичари, за своето „анти-антифашистичко“, „антисоцијалистичко“ „фашизоидно“ и „прокапиталистичко“ уверување и јавно застапување е платено, а често дури и преплатено.

Интелектуално цунами

За да се сруши сето тоа, нужно е светот да го зафати едно глобално интелектуално и акционо-политичко цунами, во кое до темел ќе бидат уништени предрасудите, уверувањата, законите и правото, уметностите и културата, моралите, приватната сопственост, религијата и нејзините храмови, граѓанската еднаквост и правда кои во нивната „величествена еднаквост… им забранува на сиромашните и на богатите да спијат под мостови, да молат по улиците и да крадат леб“. (Анатол Франс во „Црвениот крин“ Le Lys rouge, 1894) Впрочем, јасно е дека нервите на човештвото, вознемирени од татнежот на глобалниот антихуманизам на олигархијата, од војните за профит и нафта, од татнежот на неправдата при безмилосната робовска експлоатација на милијарди мажи, жени и деца, од пискотниците на страдалниците кои немаат храна и пивка вода, се болни, се грозно и тешко болни и потребно е нивно лекување преку – социјална револуција!

Затоа, првиот чекор е луѓето да сфатат дека ако утре сакаат слобода и достоинствен живот за себе и своите потомци, денес им е нужна нова борба за опстанок на антифашизмот и хуманизмот. Потребна им е нова антифашистичка борба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот