Бомби од Првата светска војна го разгоруваат пожарот на Галичица
Во Македонија се евидентирани 49 пожари од кои 12 се сè уште активни. Најголемите активни пожари се на Галичица каде што гори на две места, како и пожарот кај Македонски Брод над селото Белица.
Градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков за Слободен печат вели дека огнот на охридската страна е под контрола и не претставува опасност по населените места.
„Пожарот на планината Галичица од македонска страна е ставен под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег. Во моментот на терен во гаснењето на пожарот се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хеликоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух“, изјави Пецаков.
Пецаков вели дека ситуацијата на преспанската страна на Галичица е посериозна бидејќи на терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи.
„Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии. Се надеваме и веруваме дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму“, вели Пецаков.
Охридскиот градоначалник упати благодарност до сите кои со несебичен напор го гаснат пожарот и апелира да не се шири непотребна паника, да се споделуваат проверени информации и граѓаните да се информираат само од релевантни извори.
Покрај Галичица, веќе цел месец не може да се изгаснат пожарите во Поречието. Жителите се навикнаа да живеат со чадот, а како што вели градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристевски, во моментов на нивно подрачје се активни пет пожари.
„Изгорена е огромна површина шума со огромни штети, а животинскиот свет е пребегнат во други предели и досега нема човечки жртви и жртви од животински свет“, изјави Ристевски.
Градоначалникот се жали на немањето доволен број доброволци и опрема за гаснење на пожарите.
„Доброволци нема доволно, но и тие што се пријавуваат се ангажираат со претходни консултации со назначени лица за борба со огнената стихија. Опремата со која се гаснат пожарите е недоволна и несоодветна за гаснење на шумски пожари. Помош секогаш е добредојдена, како од соодветна противпожарна облека за шумски пожари, опрема како гребло, мотика, копач, секира и сл.“, вели Ристевски.
Дека нема доволен број на доброволци и опрема се пожали и Боге Радевски, претседател на месната заедница во село Тажево кое беше најпогодено од огнот.
„Исцрпени се луѓето, деноноќно гаснат, немаат соодветна опрема, немаат боци со кислород, има доброволци кои немаат основни познавања за гаснење на пожар, тоа дополнително ги става сите во ризик. Сè уште гори ридот зад рестораните „Белица“ и „Чифлик“. И лево и десно од „Белица“ гори, страшна е сликата. Вчера попладне имаше пороен дожд од околу 40 минути кој помогна да се изгасне пожарот во потегот над Бресничка река над црквата „Богородица“. Кај селото Брезница, пак, сè уште се гледаат пламени јазици. Тажна е сликата, многу голема површина отиде, изгоре жив свет. Горат непристапни предели. Мештаните на секој можен начин се обидуваат да спречат да се прошири огнот, така што секој чисти во својот двор“, изјави Радевски за Слободен печат.
Како што изјави Радевски, во селото Тажево пламените јазици проголтале околу 25 викендички.
„Ни се случи еколошка катастрофа. Во селото Тажево изгореа околу 25 викендички, опустошено е, а благодарение на екипите, на доброволците и на помошта од Романија, селото Брезница го спасивме. Апелирам до сите што имаат некаков имот, викендички, да си преземат мерки, да бидат совесни и да дојдат да го исчистат сопствениот простор“, вели Радевски.
По двонеделна целодневна борба со огнот, конечно пожарот во Пехчево е ставен под контрола, изјави планинарот Марјан Митриновски кој сето ова време помагаше во локализирање на пожарот.
„Пожарот во Пехчево е изгаснат, само се вршат редовни контроли по линијата на пожарот. На терен се екипи на „Македонски шуми“, Шумска полиција, и екипа на Дирекција за заштита и спасување“, изјави Митриновски.
Во јули биле регистрирани 620 пожари од кои 66 во последните 10 дена од месецот, додека пак во август секојдневно има по 40 пожари.