Бомби без фитил

Претпоставувам дека во некои парапортали и кај некои самонаречени филозофи и опскурни „инфлуенсери“ на социјалните мрежи, веќе се изначитавте за мојата тајна операција, „во која се користат разни техники“ (хахахахах!), чијашто цел е прво да се омаловажи Специјалното јавно обвинителство, а потоа и да се укине. Целта, нормално, ми е да се спречи обвинителките со своите волшебни моќи да ги откријат сите криминали на луѓето од режимот на будимпештанецот Груевски, за што, според едно лице, вработено како Доставувач во СЈО, јас сум платен од хотелот „Мериот“.

За будалите што ги нарачуваат ваквите тиради и за авторите што ги пишуваат, немам веќе што да кажам. Луѓето имаат психички проблеми и треба да се лекуваат (не со тапи ножеви, туку со сериозни лекови). Но, имам нешто да им кажам на сите оние што се спремни да поверуваат во овие глупости, или кои веќе веруваат: јас, моќникот што спроведува една ваква опсежна операција за уривање на СЈО, но и на власта на СДСМ, во мојот табор, значи во таборот на заговорниците, успеав да ги придобијам и Зоран Заев и Рената Десковска.

Што е сега, не ви се верува?

Е, па, слушнавте самите, дами и господо, другарки и другари – „бомбите“, односно материјалите од неовластеното прислушкување, нема да бидат користени како докази во предметите после 30 јуни 2017 година (кога истече пржинскиот мандат на „трите грации“), а секако и во доказните постапките во идното работење на Јавното обвинителство. Самиот Заев објасни дека тоа јасно стоело во членот 105, став 4, од новиот Закон за Јавно обвинителство. Заев и Христијан Мицкоски сега преговарале за тоа дали овие неовластено прибавени докази ќе бидат користени за предметите што веќе се во судска постапка.

Не знам како ќе завршат преговорите (се надевам, успешно), но знам дека со оваа мудра и исправна одлука на Заев – која не е ништо ново за оние што следат и умеат да читаат – практиката на СЈО барем малку се усогласува со Законот за кривична постапка, кој не само што не дозволува доказите прибавени на нелегален начин да бидат основа за судски пресуди, туку експлицитно забранува да се користат таквите докази. И време беше Заев да го изгаси фитилот на „бомбите“. А сите вие, сега, ве молам, прво аплауз, а потоа нашиот премиер да го ставите на „црната листа“ на „непријатели на СЈО“, како што ме ставивте и мене. Фер е така, нели?

Жал ми е за сите што сега ќе патат по нашиот изблик на јакобинска правда и што во СЈО веќе видоа прек суд што ќе ги реши сите проблеми на нашето судство, по принципот „кадија те тужи, кадија те суди“. Но, секој што сака да тртља нешто за оваа проблематика, мора барем базично да се информира за принципите и за начинот на кој правдата се опслужува. Тоа, сепак, е наука, малку повеќе од пица диливери сервис.

И секако, замолувам сите заинтересирани да си ги отворат умовите и да ги прифатат сугестиите на наши угледни правни експерти, кои предлагаат иновирање на Законот за кривична постапка во духот на практиката на Европскиот суд за човекови права – и нелегално прибавените докази да можат да се користат во постапките, но сепак не како докази врз кои ќе се засновуваат пресудите.

За крај, на преговарачите им посакувам успех во преговорите, на Катица Јанева и на нејзиниот тим успех во натамошната работа до истекот на мандатот, на бранителите во сите предмети им посакувам храброст и креативност, а себе, пак, си посакувам една пица кватро формаџо што сакам да ми ја достави Доставувачот од СЈО, во знак на извинување поради навредите и клеветите со кои ме опсипа на Фејсбук, кршејќи го законот и кодексот за поведение на административните службеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот