Бомбаши-самоубијци ги извеле повеќето напади во Шри Ланка

Фото: EPA-EFE

Најмалку 200 лица загинаа, а 450 лица се повредени во бомбашките напади на три цркви и четири хотели на Шри Ланка, соопшти полицијата.

Седум лица се уапсени, а тројца полицајци се убиени за време на акцијата на безбедносните сили во куќа во престолнината на државата, неколку часа по серијата напади. Властите соопштија дека најголем дел од нападите биле извршени од бомбаши-самоубијци.

Владата прогласи полициски час во Коломбо и го блокираше пристапот до социјални мрежи и апликации за испраќање пораки како Фејсбук и Ватсап. Не е познато кога овие мерки ќе бидат укинати, пренесува Хина.

-Севкупно, имаме информации од сите  болници за 207 смртни случаи. Според сегашните информации, во болниците се примени 450 повредени лица, изјави портпаролот на полицијата, Руван Гунасекера. Најмалку 27 од загинатите се странци.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите во земјата, која со децении, се до 2009 година, војуваше со талибанските сепаратисти. Бомбашките напади во главниот град за време на тој период беа чести. Локалните христијански групи истакнуваат дека во последниве години тие се соочуваат со повеќе заплашување од некои екстремни будистички монаси.

Десетици се убиени во една од експлозиите во католичката црква Св. Себастијан, северно од Коломба. Гунасекера изјави дека полицијата се сомнева дека е дело на бомбаш-самоубиец. На фотографиите од местото на настанот се гледаат тела на теренот, крв на црковните клупи и уништен покрив. Локалните медиуми пишуваат дека 25 лица загинале во нападот на евенгелистичката црква во Батијаколи во источната провинција.

Нападнати се и хотелите Шангри-Ла, Кингсбери, Синамон Гранд и Тропикал ин. Зесега не е познат точниот број на загинатите во хотелите. Болниците соопштија за 27 загинати странци, додека претставник на Министерството за надворешни работи на Шри Ланка информира за 35 странци кои го загубиле животот, меѓу кои од САД, Велика Британија, Холандија и Турција. Кинеските медиуми пренесуваат и дека меѓу жртвите има и еден Кинез

Осмата експлозија се случи во куќа во Коломбо.

Премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинге го свика националниот совет за безбедност на состанок во својот дом.

„Силно ги осудувам денешните кукавички напади на нашите луѓе. Ги повикувам сите жители на Шри Ланка во овој трагичен момент да останат обединети и силни. Избегнувајте да ширите непотврдени извештаи и шекулации. Владата презема брзи чекори за да ја контролира оваа ситуација”, напиша тој на Твитер.

Претседателот Маитрипала Сирисена изјави дека им наредил на специјалните полициски сили и војската да истражат кој стои зад нападот и кои се мотивите. Војската е распоредена на улиците, а воениот портпарол нагласи дека е зголемена безбедноста и на меѓународниот аеродром во Коломбо.

Минатата година се судрија мнозинската заедница на синхалешки будисти и малцинските муслимани, а дел од екстремните будистички групи ги обвинија муслиманите дека ги форсираат луѓето да се преобратат во ислам.

Од вкупно 22 милиони жители на Шри Ланка, околу 70 отсто се од будистичка, 12,6 од хиндуистичка, 9,7 од муслиманска и 7,6 отсто од христијанска вероисповест. Во последниот извештај на Стејт департментот за човековите права на Шри Ланка се наведува дека некои христијански групи и цркви информирале за притисок да ги завршат молитвените средби поткако властите ги оквалификувале како „неодобрени собири”. Во извештајот се посочува дека будистичките монаси редовно се обидуваат да ги затворат светите места за христијаните и муслиманите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот