Болтон: Не е моја идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово

Болтон рече дека оваа идеја со гадење била дочекана од Германија, Западна Европа и одредени делови на Балканот.

Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон за албанскиот портал „Факсвеб” изјави дека прашањето за „корекција на границата” во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина не е негова идеја.

Болтон за портоалот кажал дека постоеле индиции дека претставниците на Белград и Приштина уште во 2018 година сакале да ги „решат прашањата”, затоа што виделе дека не можат да постигнат вистински економски развој се додека не се нормализираат односите.

-Беше многу контроверзно внатре во двете држави, но сметав дека вреди да се вложи напор. Една од работите за кои се зборуваше беше и можноста за размена на територии, рече Болтон.

Болтон рече дека оваа идеја со гадење била дочекана од Германија,Западна Европа и одредени делови на Балканот.

-Мојата идеја не е размена на територии, но лидерите на Косово и Србија тоа го побараа. Мислев дека мора да се преземат одредени чекори на Балканот и Источна Европа. Прво, да се намали руската вклученост. Кажав дека на Балканот останува опасноста со нерешените спорови, дека е тоа плодна почва за некој кој може да создаде конфликти, рече Болтон.

Специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалог Белград-Приштина, Ричард Гренел, минатиот месец рече дека идејата за размена на територии потекнува од Болтон, а не од американскиот претседател Доналд Трамп.

-Во моментов сум во поинаква позиција заради ситуацијата создадена од Џон Болтон, која се разликуваше од претседателот Трамп во однос на Косово и Србија. Цело време морав да се борам со гласините за размена на територии, што во никој случај не е „политиката на Трамп. Двете страни велат дека го слушнале тоа од Болтон, рече Гренел во интервју за „Фокс њуз”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот