Болните во клиниките се доразболуваат од бучавата

Куманово е најбучниот град во Македонија, а болните во Клиничкиот центар во Скопје наместо да се лекуваат во тишина, трпат стрес од екстремна бучава што трае непрекинато и дење и ноќе, покажуваат податоците од Извештајот за состојбата со животната средина за 2018 година што го објави ресорното министерство.

Клиничкиот центар е подрачје од прв степен на заштита и таму преку ден и навечер бучавата не смее да надминува 50 децибели, а ноќе 40, но мерењата на Центарот за јавно здравје покажуваат екстремни надминувања и тоа за 12,27 децибели дење, за 7,23 децибели навечер и дури за 15,64 децибели ноќе! Ова подрачје, всушност, е најбучното урбано место во цело Скопје.

Скопје бучи постојано!

Во Скопје е мерено на 14 места во април и во октомври и дневната бучава е надмината насекаде. Според правилникот, границата за дневна и вечерна бучава во втората заштитна зона е 55 децибели, а за ноќна 45. Во третата зона дневната и вечерна бучава не смее да надмине 60, а ноќната 55 децибели.
– Дневната комунална бучава во Скопје на сите мерни места има значително покачување во однос на граничната вредност за тоа мерно место, односно бучавата ја надминува границата за вредности од 1,31 до 12,27 децибели. Вечерната бучава не е надмината кај Драмски театар, во Гази Баба, Кисела Вода и во центарот, а на сите останати има значително покачување и ги надминува границите од 0,89 до 7,23 децибели. Интензитетот на ноќната комунална бучава е надминат на 11 мерни места. Најголеми надминувања на индикаторите за дневна, вечерна и за ноќна бучава има во Клинички центар, а ноќното надминување од 15,64 децибели укажува на екстремно зголемено ниво – се вели во извештајот.
Бучавата досега е мерена и во Куманово, Битола и Кичево. Најбучно е во Куманово, каде што на сите мерни места се надминати вредностите за дневна, вечерна и ноќна бучава.

Освен овие индикатори, постои и дополнителен индикатор за максимално ниво на бучава, „ЛА макс“, кој не смее да надминува 60 децибели во станбените зони за да се заштити здравјето на луѓето. Овој индикатор, исто така, е значително зголемен во сите четири града. Во Куманово во есенскиот период е измерено екстремно високо максимално ниво на бучава од 93,43 децибели, што е за 33,43 децибели над дозволеното. Во Скопје, во Аеродром во есенскиот период е измерено максимално ниво од 80,1 децибели, во Кичево напролет 75 децибели, а во Битола 74,8.

Бучавата го разболува срцето

Изложеноста на постојани или високи нивоа на бучава предизвикува голем број негативни директни и индиректни влијанија врз здравјето. Влијанието ноќе значително се разликува од ефектот на бучавата преку ден, а според СЗО, негативните здравствени ефекти се појавуваат кога луѓето се изложени на нивоа на бучава во текот на ноќта над 40 децибели.

– Врз основа на студии од Институтот за јавно здравје, бучавата влијае врз психофизичката состојба и најчесто како последица на зголемено ниво се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот и кардиоваскуларни проблеми. Најголем дел од населението има чувство на непријатност што вклучува вознемиреност и нарушување на сонот, а помал број трпи стрес. Како реакција на ова може да се очекуваат различни ризик фактори како зголемен крвен притисок, холестерол и друго. Кај релативно мал дел на населението овие промени може да предизвикаат други клинички симптоми како несоница и кардиоваскуларни болести кои потоа, како последица, може да доведат до зголемување на стапките на предвремена смртност – се вели во извештајот и се додава дека Министерството за здравство е надлежно да направи проценка на штетното влијание на бучавата врз здравјето на изложеното население.

Според извештајот, главни причинители на бучава во животната средина се превозните средства и индустриските инсталации.

– Особено значајна и специфична за Македонија е бучавата од градежните активности, соседството и бучавата од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти. Согласно со Законот за заштита од бучава, една од основните мерки е изработување на стратешки карти за бучава. Во Македонија сè уште не се изработени стратешки карти за бучава за агломерации, главни патишта, аеродроми и населени места и за подрачја од посебен интерес и поради тоа засега нема можност да се прикаже проценетиот број на станови, училишта, болници и жители што се изложени на различни нивоа на бучава – се вели во извештајот.
По изработката на стратешките карти, следен чекор е изработка на акциски план, како и информирање на пошироката јавност за состојбата со бучавата. Во извештајот се наведува  дека во Министерството се очекува подготовка на национална стратегија за мониторинг на животната средина во поглед на бучавата, како и изработка на стратешките карти и акциски планови за бучава.

Уште сонуваме за чист воздух

Нема ни најмало подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија во 2018 година. И натаму буквално на сите урбани мерни станици има надминувања на загадувањето со ситни честички ПМ10. Лани најлошо поминале жителите во околината на мерната станица Ректорат, каде од 365 дена во годината, со надминато загадување поминале дури 218 дена. Годишно не смее да има повеќе од 35 вакви дена, но лани ниеден град не успеал во тоа – во Кавадарци со штетно загадување поминале 154 дена, во Гостивар 131, во Тетово 129, а во Куманово 128.

Средната годишна вредност на ПМ10 не смее да надмине 40 микрограми на кубен метар воздух, ама таа секаде е надмината, најмногу на мерното место Ректорат, со вредност од 72,11 мцг/м3.

Двете скопски станици каде што со години наназад се бележи екстремно загадување, Лисиче и Гази Баба, лани не беа во функција.

На сите места каде што се мери се надминати и концентрациите на најопасните ситни честички ПМ 2,5. Годишната гранична вредност за 2018 година е утврдена на 26 микрограми на кубиен метар, но во Тетово таа изнесува 41, а во Карпош 40.

– Хроничната изложеност на ПМ честичките го зголемува ризикот од кардиоваскулаторни и респираторни болести, како и рак на белите дробови. Смртноста поврзана со загадувањето на воздухот е за околу 15 до 20 отсто повисока во градовите со високо ниво на загадување во споредба со релативно чистите градови – се потенцира во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот