Болниците демантираат дека не примале пациенти повозрасни од 70 години со Ковид 19

Скопје, октомври 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Со разгорувањето на пандемијата со коронавирусот во земјава, здравствениот систем е на најтешкиот тест. Семејства се жалат дека е лотарија и потешкотија дали ќе се најде кревет во државното здравство, особено ако пациентот е повозрасен, односно ако ја надминува седумдесеттата година од животот.

Никој официјално ова не го потврдува, но во Фејсбук групата за споделување на искуства од Ковид 19, се почести се поплаките дека ако пациентот е постар, тогаш нема да биде хоспитализиран.

Така, ќерката на 76 годишна скопјанка, пациентка на дијализа позитивна на ковид со висока температура и наод на градите за бронхопневмонија, починала откако драгоцено време било потрошено да и се најде кревет во државното здравство, а ќерката обвинува дека во ГОБ 8 Септември им било кажано дека повозрасни од 70 години не примаат на лекување.

„Откако ја прегледаа во ковид центарот во болницата 8 Септември, ја оставија во ходник сама без никаква медицинска нега. Чекаа да ја донесеме дома, затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад. Сакаат да ја вратат дома, а сатурацијата е 60. На наше очајно инсистирање, сепак брзата помош се решава да се обиде на клиника. И таму чекање 30 минути во комбето, за на крај сепак да се смилуваат и да ја примат на гастро. Рекоа чекајте да дојде доктор да ви земе податоци. Чекавме четири часа, лекар не дојде, само ни јавија дека починала. Чувајте се сите особено вашите постари сакани. Државата не им дава шанса да преживеат, а зошто не знам. Можеби да го растоварат пензинскиот фонд? Па и тие се луѓе можат да поживеат уште 10 или 20 години но и покрај тоа што цел работен век плаќале здравствено осигурување, на нив им е скратено правото за лекување оставени се на немилост зашто се стари а системот оптоварен”, сподели скопјанката чија мајка починала.

Од ГОБ 8 Септември, најостро демантираат дека селекција на хоспитализираните се прави според нивната возраст. Тоа не е ниту законски ниту етички и претставува кривично дело и дискриминација. Како аргумент за нивното тврдење, раководството посочува дека во моментот на клиниката се сместени многу пациенти кои се повозрасни од седумдесет години и тоа со Ковид 19. Проблемот е друг, а тоа е дека нема слободен кревет.

„Имаме 109 пациенти во моментот хоспитализирани со Ковид 19. Тоа е полн капацитет. Сите пациенти се со различна возраст, од 20 години до над 70 години и тоа во моментот се случува. Капацитетот ни е 109 легла. Дневно за преглед низ нашите четири амбуланти поминуваат околу 200 пациенти за ковид. Има по 150 рентгени на бели дробови за ковид пациенти. Имаме седуммина на респиратор и тројца на сипап респиратор. Починати се тројца пациенти на 72, 54 и 71 годишна возраст” вели за Слободен печат директорот на ГОБ 8 Септември, доктор Христијан Костов.

И ставот што го добивме од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е дека селекција за хоспитализација според возраст е незамислива и кај нив не се случува. Не знам од каде е таа информација. Ние не правиме делба на пациентите по возрасти никогаш. Секој пациент според направениот преглед, кога ќе дојде во амбулантата, за него се прави проценка дали треба да се прими и тоа според анализите и проценката на докторот. Но, никако според возраста. Лошо е да се размислува за ова а не пак да се спроведува во пракса, ни рекоа од Инфективната клиника. И други граѓани се пожалија дека нема место за хоспитализација.

„Татко ми е позитивен и 12 дена има висока температура. Моментално му е 40. Дијабетичар е, опериран од чир на желудник и алергичен на парацетамол. Брзата помош само што ме извести дека кревети за сместување нема, да ја следиме ситуацијата и што може да се направи од дома, зашто им лежат пациенти во возила со часови додека чекаат. Кревети нема!“, го сподели своето искуство Сунчица Тодоровска.

Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека на хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни кревети за ковид пациентите. Поставеноста на системот на интерните клиники во Скопје покажа дека добро функционира дава резултати во поголем број оздравени пациенти и доволен број слободни кревети. Капацитетите брзо се пополнуваат но речиси воопшто не се чека за хоспитализација, не само за пациентите од Скопје туку од секаде низ државата, рече тој додавајќи дека е многу важно да не се намали редовниот програм на клиниките за акутните и хроничните пациенти кои имаат потреба од лекување.

И приватните болници ќе бидат на помош во пандемијата. Трите најголеми приватни болници, Систина, Жан Митрев и Ре Медика ќе учествуваат во работата на поранешната болница Мала Богородица или поранешна Систина. Таа ќе биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе се лекуваат 100 пациенти на трошок на тржавата со лекарски тим од трите приватни болници. Последниот биланс на новозаразени е 1112 случаи и 24 починати лица.

Во ковид центрите во Скопје се лекуваат 474 лица со Ковид 19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка и сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да ги згрижат пациентите. На интерните клиники имало 20 приеми, во Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, клиниката за неврологија, нефрологија, и на клиниката за очни болести.

На кожната клиника има 24 пациенти, на гастроентерохепатологија 26 лица а на нефрологија 24 пациенти. На инфективната клиника има 159 хопситализирани, во институтот за белодробни заболувања кај деца Козле 30 пациенти. Вкупната бројка на активни случаи во земјава е 20.866. Досега починале 1511 лица.

Филипче побара ДСЗИ да извршат вонреден инспекциски надзор во ГОБ „8 Септември“

Короната влезе во кумановскиот дом за стари лица, позитивни 10 корисници и 2 вработени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот