БОЛНИ ЦЕНИ ЗА РЕНОВИРАЊА ВО БОЛНИЦИТЕ: Веце-школки по 15.000, тушеви по 17.600 денари!

Фото: Profimedia

Тоалетни школки од 15.000 денари за парче и туш-сливници од 17.600 денари за парче се плаќани при реновирањето на болницата во Бардовци, што е до петпати повеќе од реалната пазарна цена, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Министерството за здравство во 2017 година.

На основниот договор за реконструкција за болницата се склучувани анекси за непредвидливи работи со кои цената на обновата се зголемила за 400.000 евра, а под непредвидливи работи се извршувале предвидливи работи како малтерисување на ѕидови, замена на инсталација и сл.
Ревизорите изготвиле контроли на основната и на другите буџетски сметки на Министерството за здравство, а податоците за болницата во Бардовци се од извршената ревизија на сметката на буџетот за заеми.

Основниот договор за обнова на објектот на ЈЗУ Психијатриска болница Бардовци е склучен во 2010 година, но ревизорите го контролирале затоа што договорот сè уште се реализирал во текот на 2017 година, кога е вршена ревизијата, иако објектот требало да биде завршен многу порано.

– Во 2017 година е платена една времена ситуација во висина од 17,5 милиони денари (285 илјади евра) за завршени работи во интервалот од октомври 2013 година до јануари 2016 година, при што констатиравме дека во тој момент се реализирани 79,2 од договорените работи. Ваквото ниво на реализација, ако се земе предвид датумот на потпишување на основниот договор, е исклучително ниско, особено што рокот за извршување на работите изнесувал 13 месеци. Договорниот орган до 2017 година има склучено пет анекс-договори, со кои се регулира потребата од непредвидени и вишоци на работи, меѓутоа сè до 2017 година не е склучен анекс со кој се регулира пробивањето на рокот предвиден со основниот договор. Од увидот во последната времена ситуација која е платена, утврдивме дека поедини позиции се реализирани во висина и до 550 отсто повеќе во однос на основниот проект и пресметката врз основа на која е извршена јавната набавка – констатираат ревизорите.

Ревизорите утврдиле дека многу работи се преплатени, односно е набавувана опрема и до 500 отсто поскапа од реалната цена, како тоалетни школки од 15.000 денари, а се купени вкупно 39 или, туш-сливници со должина од 1,25 метар по цена од 17.600 денари за еден, а купени се вкупно 39 итн.

– Со ваквото подоцнежно повеќекратно надминување, се создава сомневање врз реалноста на предвидените количини на работи, квалитетот на основниот проект и квалитетот на извршената ревизија на основниот проект – се вели во извештајот.
Ревизорите констатирале дека работите што се изведени како дополнителни и непредвидени се однесуваат за позиции што се прилично воопштени како демонтажа на радијатори, бојлери, чешми и врати, бетонирање ѕидови и темели на скали, хидроизолација на плоча, монтажа на цевка за приклучок на шахта, набавка на казанчиња и туш-сливници што не биле предвидени со основниот проект.

– Со оглед на тоа што се работи за дополнителни и непредвидени работи, тие се регулирани со анекс кон основниот договор со постапка со преговарање. Како резултат на ова за дел од изведените работи утврдивме дека се наплатени по цени што се повисоки од пазарните, а со анексите кои се склучени кон основниот договор износот за извршување на работите е зголемен за 25.192 илјади денари (400.000 евра) – се вели во извештајот.

Ревизорите дале препорака Министерството за здравство во иднина да обрне особено внимание на квалитетот на изработката на идејниот и основниот проект, како и на квалитетот на ревизијата, со цел да се обезбеди што е можно пониско ниво на дополнителни и непредвидени работи, како и да поведе постапка пред надлежните комори за несовесно постапување од страна на проектантот и ревидентот на проектот во делот на нивното несовесно постапување.

На чело на Министерството за здравство во 2017 година кога е извршена ревизијата се сменија тројца министри – Никола Тодоров, Арбен Таравари и Венко Филипче, како и еден заменик-министер, Гоце Чакаровски.

Овој објект се обновуваше во две фази, а според тогашните изјави на Владата реконструкцијата чинела 2,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот