Боли глава од пазарењето онлајн поради коронавирусот

Profimedia

Вонредната состојба и препораката да не се создаваат гужви во супермаркетите, ги преплавија поголемите ланци за продажба на храна со работа. Гужвите и редиците од пред касите се префрлија на интернет. Снемува производи од залихите, па можно е некој производ што сте го нарачале од дома и уредно сте го платиле, воопшто да не го добиете на домашната адреса, поради тоа што во меѓувреме се потрошил, иако на интернет страниците и богатите каталози, го имало.

Граѓаните се жалат, дека нарачките што ги платиле и за кои чекале достава и по 10 дена, не им биле целосни.

-Ајде велам, ќе се стрпам, иако цените што се на интернет се малку повисоки. Нарачката не ми дојде дента кога рекоа дека ќе дојде. Се јавив на телефонот во супермаркетот, нема кој да одговори. Кога конечно ми ја донесоа нарачката, додека да распоредам се и да наредам, гледам полно работи фалат. Пола работи ги нема ни на сметката. Скоро половина од наплатениот износ. Се јавив пак и добив информација дека немало намирници, имале многу голема побарувачка и дека парите ќе ми бидат вратени за 3 до 4 дена – се жали скопјанка чие име е познато на редакцијата.

Таа додава дека ова создава проблеми и за домашниот буџет и за нервите.

-Што ако немам други пари да си купам основни работи, а нив сум им платила пред 10 дена? Пред 10 дена немаше ни полициски час, ни гужви, ни покачени цени и се купуваше само тоа што реално ти треба. Побарав да ги испорачаат намирниците деновиве, одговорија дека нема тоа да го сторат. Ете, тоа е нашата професионалност – додава вознемирената клиентка.

Неколку маркети веќе однапред им се извинуваат и ги предупредуваат граѓаните за ова, дека поради зголемената побарувачка како и поради новите мерки за ограничување на движењето, можни се промени и во времето за достава на нарачките. Тимовите по супермаркетите се максимално ангажирани, се работи постојано, со зголемен интензитет, да се опслужат и оние што чекаат на касите, и оние што чекаат да им стигне нарачката дома. Има маркети кои однапред ги известуваат корисниците дека е можно да не им пристигнат истите производи што ги нарачале, туку заменски.

Се прават и по стотици нарачки дневно ниво, а повеќето се со големи износи и листи на производи.

Проблемот со доставата не е само за прехрамбени продукти, туку и за други производи што им се потребни на домаќинствата.

-Јас сум здравствен работник и поголем дел од денот го поминувам на работа. Затоа, поради тоа што немам многу време да одам во маркети, нарачав четки за отстранување влакна од куче за мојот миленик, но не ми стигнаа. Едвај ми ги вратија парите – вели нашата соговорничка.

Новонастанатата ситуација со коронавирусот за некои граѓани од Куманово претставува проблем, па тие се нудат во различни групи на интеренет, да испазарат производи и да ги испорачаат до домаќинствата, за симболични надоместоци од 100 денари.

„Целата оваа ситуација за нас е многу тешка. Вирусот се шири брзо и со новите мерки каде што имаме мал временски простор за пазарење, во маркетите се создава голема гужва која резултира со чекање по неколку саати пред продавница. Најголемата можност да се заразиме е баш тој временски период, додека сме опкружени со сите луѓе приморани да чекаме ред. Затоа, сакаме да им помогнеме на сограѓаните со тоа што ќе примиме нарачки, ќе одиме да ги испазариме тие нарачки и ќе ви ги донесеме до врата. Цената за оваа услуга би била 80 денари за во центар на Куманово и 100 денари за подалеку. За помалку од 12 часа ќе ги имате сите намирници доставени на домашна адреса“, стои во една објава од граѓанка на Куманово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот