Бојко, оставете го Гоце Делчев на мир

Одговарајќи на критиките од Европската комисија упатени поради загрозување на демократијата, владеењето на законот и основните права, авторитарниот лидер од Софија процени дека е време да ги обедини Бугарите, а сопствените проблеми да ги извезе во соседството така што ќе го актуализира митолошкото оспорување на македонскиот идентитет

Масовните протести против владејачката каста на олигарси во Бугарија, траат уште од 1 јули, а премиерот Бојко Борисов најсериозната политичка криза во последните седум години се обидува да ја залечи со манипулации и испробан рецепт од времето на социјализмот – со надворешниот непријател.

Одговорајќи на критиките од Европската комисија упатени поради загрозување на демократијата, владеењето на законот и основните права, авторитарниот лидер од Софија процени дека е време да ги обедини Бугарите, а сопствените проблеми да ги извезе во соседството така што ќе го актуелизира митолошкото оспорување на македонскиот идентитет.

Подигнувајќи се себе, така што ќе го спушти првиот сосед, упростувајќи ја сложеноста на историјата. Борисов и компанија тврдат дека нема македонска нација, односно дека истата е измислена во 1940 година од бугарските комунисти и сталинистичката Москва, а потоа „вештачки“ е создадена во рамките на комунистичка Југославија.

– Сите нации се вештачки, бидејќи нациите не се природен начин во кој луѓето живееле во прастари времиња, туку се модерни и често неодамнешни творби. Некои настанале подоцна од другите, но тоа не ги прави вештачки. Конечно, сите нации почиваат на историски митови, вклучувајќи ја тука и бугарската нација – толкува провесорот Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац.

Иако прва ја призна независноста на Македонија, власта во Софија сега води кампања за „непостојниот и лажниот“ јазик на Северна Македонија. Иако јазикот е кодификуван и меѓународно призна, се тврди дека се работи за „дијалект“ и „писмено регионална норма“ на бугарскиот јазик.

Познато е дека јазичното прашање е приказна исполнета со парадокси. Паметам кога мојот колега од Рим, дописник на бугарската агенција БТА, на времето ми раскажуваше дека додека престојувал во Источен Берлин, добил пакет со собраните дела на Тодор Живков, вклучително и преводот на македонски. Потребата за пропагандно војување во случајот го надвладува негирањето на јазикот на западниот сосед. Па ако е потребен превод, тогаш тоа само по себе е доказ дека станува збор за два слични, но различни јазици?

Опасна политичка димензија

Но, сега спорот е без анегдотски примеси. Идентитетскиот конфликт добива практична и опасна политичка димензија. Се бара од Северна Македонија да се откаже од постоењето на етничките Македонци во Бугарија, спротивно на годинешната порака од Советот за заштита на малцинствата на ЕУ, со која се бара од Софија да ги признае како национално малцинство.

Јасно е дека Борисов очекува предизвикувањето на спорот да делува како панацеа врз кризата на бугарскиот политички систем, на неефикасните институции, рецесијата и финансиската нестабилност, криминалот и корупцијата. Бугарија меѓу членките на Европската Унија и НАТО слабо котира по владеењето на правото и независноста на правосудството. Наместо да се грижи да не биде најсиромашна членка, оддалечена од стандардот на Унијата, владиниот приоритет е да го оспори постоењето на македонскиот јазик и историја. Дури провокативно се бара и бришење на спомен плочите, кои сведочат на отпорот против бугарските фашисти во Македонија во текот на Втората светска војна.

Откако во 2007 година го искористи моментумот и благодарејќи на американските притисоци се најде во ЕУ, Бугарија е преокупирана со испумпување на пари од европските фондови, занемарувајќи ги реформите. Тоа е време на владеењето на стабилократија, по тоа што лавовски дел од парите заврши во приватни џебови, никого од Унијата не загрижи премногу. Десничарот Борисов се фалеше со одличните односи со Ангела Меркел, додека во регионот го извезуваше „бугарскиот воз“, највносниот производ на изборна кражба и измама.

Договорот за добрососедство и стратешко партнерство на двете земји од 2017 година, кога е решено заедничката комисија на историчари да ги истражи контроверзните прашања, падна во вода. Софија за Брисел испрати меморандум во кој бара сите спорни прашања – јазикот, историјата и прашањето на малцинствата, да бидат решени пред отворањето на пристапните преговори.

А, дали Бугарите се Македонци

И покрај протестите на група бугарски историчари и интелектуалци кои признаваат дека меморандумот е спротивставен на вредностите на ЕУ, Бугарија се закани дека ќе го искористи правото на вето, доколку Скопје не го прифати бугарското толкување на „заедничката историја“.

Градејќи за себе на себичен начин прибежиште од протестите во земјата, тој се заканува со блокада на европскиот пат на Македонија. Се претставува како дежурен чувар на бугарскиот идентитет, негирајќи го идентитетот на земјата која со децении била блокирана од другиот сосед, не поради јазикот, туку поради името.

Како би било Хрватска да стави вето на приклучувањето на Србија и Црна Гора, затоа што во текот на процесот користат јазик близок на хрватскиот и да ги примора да го прифатат хрватскиот јазик за свој?

Апсурдно, агресивно, ултимативно и хегемонистички. Има ли независна држава во Европа која би прифатила дека некоја друга држава и народ се сопственици на нејзината историја и постоење? Може ли странци во свои раце да ја држат тапијата на нивната земја? Следејќи ја таа ненормална логика, може да се постави и прашањето – дали Бугарите се Македонци?

Борисов е познат по својата дволичност. Се претставува како голем пријател на српскиот претседател Александар Вучиќ, а истовремено на Албанците од Косово има дава државјанства и пасоши, тврдејќи дека тие се со бугарско потекло. Со говори дека тој има сличен план и за Србија, како би го уценувал Белград на патот кон ЕУ.

Во таков затегнат амбиент се одвиваше последниот Самит од Берлинскиот процес што се одржа во Софија, а чии заеднички домаќини беа Борисов и премиерот Зоран Заев. Нивните насмевки делуваа како етикета, провиден параван на актуелното меѓусебно спорење.

Убаво звучи тоа што самитот е завршен со порака на лидерите за важноста на регионалната соработка и поддршката на иницијативата која ќе ги подобри регионалните потенцијали за јакнење на економијата и добрососедските односи.

По стапките на Виктор Орбан

Заев не губи надеж, вели дека идентитетот ќе биде зачуван без спектакли, што е разумен пристап. Но, на Борисов му е потребен спектакл. Дали дипломатските фрази што ги испорачува со години го обврзуваат на нешто? Гајле му е. Тој го блокира решението.

Унијата по правило не се занимава со билатерални прашања, но Германија како претседавач сепак се вклучи во посредувањето, обидувајќи се да ја убеди Бугарија да ја повлече заканата за вето. Попусто. Софија во вторникот во Советот на ЕУ ја оствари заканата. Борисов се угледа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ѝ пркоси на Унијата промовирајќи ја нелибералната демократија, авторитарноста и гушењето на правната држава. ЕУ функционира на основа на консензус, но тоа не значи дека која било членка може своите историски наративи да им ги наметнува на другите. Нема дополнителни условувања.

Доколку ова се бугарските предуслови за отворање на пристапните преговори, тогаш какви ќе бидат при приемот за полноправно членство? Софија го узурпира правото што го има стекнато со членството. Ризикува повторно да ги охрабри националистите по целиот Балкан.

Доколку одлучно не одреагира, ЕУ ризикува да биде одговорна за можниот конфликт или, пак, долготрајна криза што може да го дестабилизира целиот Западен Балкан. Би можеле да се замешаат и Американците, бидејќи Борисов го загуби својот моќен сојузник во „Белата куќа“, а Џо Бајден нема благонаклоно да гледа на бликањето на бугарскиот империјализам кон соседот.

Бугарските барања не само што му се закануваат на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, туку им се закануваат и пошироките интеграции и ги газат основните вредности на кои Унијата е создадена. Има ли некој на Бојко Борисов да му каже – доста! Оставете го Гоце Делчев на мир!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот