Бојко кара, Борисов смирува

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Лесно може да се заклучи дека пропуштеното време на Македонија не се должи на Гоце, Тито и Сталин, туку на евтин политички маркетинг, кој Бојко и Каракачанов треба да ги спаси од политичка пензија.

Да имам бугарски пасош, на претстојните избори во Република Бугарија ќе гласав за Бојко Борисов, актуелниот премиер на источниот сосед, кој атакува на четвртиот мандат за формирање влада. Првата и втората ние во Македонија не ги почувствуваме нешто особено, но третата, ех третата влада на која Борисов е премиер, баш ќе ја запаметиме.

Токму во периодот на последниот мандат на „братот Бојко“, Македонија доби нова „рампа“ во европските интеграции и вето за датум за отпочнувањето на пристапните преговори со Европската Унија. Проблем беше историјата, комунизмот, Тито, Југославија, Гоце Делчев, фашизмот, терминот окупатори, терминот администрација, спомениците од НОБ, спомен-плочите од НОБ и уште еден куп забелешки, кои најчесто доаѓаа од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, како и од вицепремиерот и министерот за одбрана Красимир Каракачанов. И двајцата истакнати министри во владата на Борисов.

Но, да се изразам со спортски термини, во 90-тата минута од мандатот, Борисов порача дека е време да се смириме.

„Хероите што загинале за слобода сонувале да бидеме заедно, а идните генерации нема да ни простат“, рекол Борисов на кратката средба со нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи, порачувајќи дека треба да се најде решение.

Сосем на место беше реакцијата на македонскиот премиер Зоран Заев, кој му посака мудра одлука на бугарскиот народ на претстојните избори, советувајќи го да гласа така како што мисли дека е најдобро, а по изборите тој очекува да има средба со бугарскиот премиер. Нагласувајќи дека во Борисов гледа фактор за решение.

И, Борисов навистина е фактор. Добар дел од последниот мандат го потроши на спорот со Македонија за пред самите изборите срамежливо да каже дека треба да се најде решение. Едноставно речено, човекот што го прави проблемот, потоа ни нуди (не советува дека треба да се најде) решение. Како, на пример, автомеханичарот, кој при менувањето на филтрите во автомобилот ви го крши левиот фар, за потоа да ви понуди нов фар по поволна цена. Или кога некој редар или член на обезбедување не сака да ве пушти во некој објект, за подоцна ви каже дека сепак може да влезете, но треба да платите, иако и вие и припадникот на обезбедувањето знаете дека влезот во објектот, во кој да претпоставиме се одржува одреден настан, е бесплатен.

Кога сме кај обезбедувачот, односно кај премиерот Бојко Борисов и неговата „трета среќа“ како премиер на Бугарија, не е лошо да се види и анализата која пред некој ден беше објавена од Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

„Соочена со сериозните закани од новите партии, владејачката бугарска партија ГЕРБ се обидува да ја зачува постојната коалиција со ВМРО-БНД, поради што интензивно помага на националистичката реторика на ВМРО-БНД и на нејзиниот контроверзен претседател Красимир Каракачанов. Тоа се гледа во фактот што на Каракачанов во изливот на национализам кон соседна С Македонија активно и оркестрирано му помага министерката за надворешни работи Екатерина Захариева од ГЕРБ. Бугарскиот ‘десант’ на С Македонија делумно ги врати Борисов и Каракачанов во игра, бидејќи политички беа речиси отпишани“, пишуваат аналитичарите од ИФИМЕС.

Од ова лесно може да се заклучи дека пропуштеното време на Македонија, не се должи на Гоце, Тито и Сталин, туку на евтин политички маркетинг, кој Бојко и Каракачанов треба да ги спаси од политичка пензија. Згора на сè, сега треба да „држиме среќа“ Бојко повторно да победи, за да ги реши недоразбирањата, инаку идните генерации навистина нема да му простат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот