Бојко Борисов се “сопна” на македонското прашање, Aмериканците го тргаат на страна

Бојко Борисов/фото: Olivier Matthys / AFP / Profimedia

Последна жртва на суровата геополитика е бугарскиот премиер Бојко Борисов и целата булумента која го следеше на тој пат олицетворена преку Екатерина Захариева и дворскиот шут Красимир Каракачанов.

Историјата е најдобар учител кажале мудреците безброј пати во минатото, но прашање од милион долари е зошто во историјата владателите константно ја повторуваат истата грешка. Процесите низ вековите и реоните се исти, само сценографијата е различна.

Почнувајќи од праисторијата, големите цивилизации како египетската, грчката, кинеската, империите на Рим, Монголија или на отоманите приказната е иста. Светот го движат интереси кои по правило ги обликуваат големите играчи, помалите земји или ентитети мораат да пловат помеѓу брановите, мораат да жонглираат со интересите на големите и да внимаваат да не бидат скршени во процесот.

И тоа не е неправда или нефер игра, тоа е едноставно реалноста, законот на џунглата, преживувањето, еволуцијата пресликан на геополитичка сцена. Водачите на малите земји се разбирливо најчесто ловината која е изедена од гладните предатори, и тие мораат или да се кријат од погледот на лавовите или да се обидат да најдат заштита да не бидат ловени. Криењето од видокругот на историските предатори обично добро им оди на владателите, тие успеваат да ги “замачкаат” очите на посматрачот со разни дарови, ветувања, маскирања на сопствената позиција, но таа стратегија обично има рок на траење.

Подобра опција е кога послабите единки ќе успеат да обезбедат “чадор” од токсичниот дожд, е тогаш нивната благостостојба може да потрае. Но и во овие две опции има подваријанти, и таму најчесто лежи зајакот.

Последна жртва на суровата геополитика е бугарскиот премиер Бојко Борисов и целата булумента која го следеше на тој пат олицетворена преку Екатерина Захариева и дворскиот шут Красимир Каракачанов. Борисов прилично свесно влезе во опасна геополитичка пресметка и иронично ја направи истата грешка која ја направи и Никола Груевски, кого Борисов отворено го критикуваше и го повикуваше да се повлече. Во случајот на Борисов не се работи за глупост или незнаење, едноставно процесите се некогаш такви и те носат како надојдена река. Со блокирањето на Северна Македонија, Бугарија застаната директно на страната на Русија на Западниот Балкан.

Декларативните заложби на Софија и последните обиди со протерување на руски дипломати да ја амортизира ситуацијата се само јалови обиди на Борисов да се извлече од клештите во кои е стиснат. Стратегијата на Русија за опстанокот на нејзиното влијание на Западниот Балкан е јасна, спречување на ширењето на НАТО во регионот и спречување на земјите за влез во Европската унија при што би следело нивно стабилизирање и отежнување на спроведувањето на руските интереси. И ова не е никаква теорија на заговор, бидејќи тоа е дел од официјалниот став на Русија за влегувањето на Црна Гора и на Македонија во НАТО.

За македонското примањето во НАТО Бугарија немаше многу маневарски простор и не смееше да се осмели да го сопре тој важен безбедносен процес директно спроведуван од Вашингтон. Но кога на ред дојде европскиот пат, официјална Софија дочека стратешка какофонија кај европските партнери. Во Брисел ставот за проширување на Унијата е официјално унитарен но суштински повеќе наликува на слика на Пикасо.

Тоа е збирштина од незаинтересираност за процесот, отворено спротиставување, дискриминаторски ставови во однос на етничкиот и религиски состав на земјите апликанти, поделеност во однос на двете земји кандидатки, едните се против Албанија, другите се за двете, трети за ниедна. И таквата состојба на Европската унија за Бојко Борисов беше како наместен пенал на празен гол. Бугарската дипломатија и разузнавање се пушти на најсилно кон западната граница, Софија помисли дека конечно ги дочека своите пет минути и нема кој да ги сопре. Формалните негодувања на европските земји и отворената германска подршка за Македонија во спорот за Бојко Борисов беше само ветерче кое треба да го истрпи додека оди кон целта.

Иако сега е повеќе од извесно дека и Берлин покрај Париз одигра прилично расипана игра кон Скопје, и тоа е само уште еден доказ за улогата на Европа како политичко џуџе во светските процеси. Бугарија со стратегијата за блокирање на Македонија сака да ги исполни своите национал-романтичарски влажни соништа и по пат да го задоволи Владимир Путин кој секогаш ги плаќа своите долгови, во гас или во долари, сеедно.

Паралелно со овој процес, Бугарија сакаше онака балкански на шверцерски начин да го задоволи и Вашингтон преку планот за купување на американски ловци Ф-16, со што Борисов помисли дека игра маестрална партија на шах со која ќе ги задоволи сите, и Европската унија и русите и американците. Но Бојко се сопна на банална причина, американските геостратешки планови се прават на долг рок и стабилизацијата на најновата НАТО членка во која Вашингтон вложи многу време и енергија е моментален приоритет на администрацијата на САД. За воља на вистината тоа во десетина наврати беше прилично јасно кажано од Вашингтон до бугарските политичари, дали мислеа дека се работи за блеф не е познато, но јасно е дека сега открија дека пораките биле многу реални.

Бојко Борисов, Каракачанов и Захариева уште не се свесни дека за нив приказната не е завршена. Пораките дека “американците треба да ја гледаат својата работа” и дека “никој не може да изврши притисок врз Бугарија” уште многу ќе го чинат триото Борисов, Каракачанов, Захариева. Уште сега пратеници на “Демократска Бугарија” го прашуваат Борисов за улогата на руски агенти во експлозии на магацин со оружје во Бугарија, по примерот на Чешка, со што се отвара прашањето за прикривањето на Бугарија за таа вмешаност.

Дали Слави Трифонов сега ќе формира влада или после уште едни избори веќе не е важно, важно е дека понорот за Борисов почна и прилично е смешно што токму Македонија успеа да го сопне во прилично успешната политичка кариера. Ако се вратиме на поновата историја ќе видиме дека истата грешка ја направија и Садам Хусеин и Муамер Гадафи, и Слободан Милошевиќ и Никола Груевски.

Помека варијанта добија екс грчкиот премиер Костас Караманлис и екс шефицата на дипломатијата Дора Бакојани кои поминаа само со бришење од политичката сцена. Но и дел од грчките политичари после грчкото вето во Букурешт изјавија дека тој потег ја чинел Атина многу. Цехот за источните соседи во моментов се пишува во Вашингтон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот