Богоев размислува да воведе зонско паркирање во Карпош – Ако се согласат граѓаните

Карпошани мака мачат при секој обид да се паркираат во близина на нивните домови. Проблемот, како што велат нашите читатели, се појавува бидејќи жителите кои работат во институциите во Центар, го користат бесплатното паркирање во Карпош 1. И не само тие, туку и сите посетители кои во општината доаѓаат поради забава или одредена потреба.

– Состојбата со паркингот во Карпош 1 е неподнослива. Секој ден мака мачиме за да најдеме каде да се паркираме. Од Центар паркираат кај нас, ние паркираме во Карпош 2 и така линијата се поместува. Проблемот е ист за сите жители. Градоначалникот најавуваше монтажни паркинзи, најавуваше решение на проблемот, но решение нема. Има само се понервозни граѓани – коментира Елена од Карпош 1.

Со ваквата ситуација запознаен е и градоначалникот Стефан Богоев, кој најавува решавање на проблемот преку воведување зонско паркирање, но само доколку добие согласност од жителите на Карпош.

– Планираме овој проблем да го решиме преку анкетирање на граѓаните. Анкетата ќе се реализира од врата на врата, во секој дом, и само така ќе знаеме дали граѓаните ќе се согласат проблемот со паркирањето во Карпош да се реши преку воведување на наплата – вели Богоев во изјава за „Слободен печат“.

Сепак, тој дообјасни дека обврска за плаќање ќе немаат станарите, туку само нивните гости и останати посетители на општината.

– Ако на анкетата граѓаните се согласат за опцијата зонско паркирање, ќе ја воведеме зоната Д. Тоа ќе значи дека сите станари ќе добијат можност бесплатно да паркираат, а останатите кои ќе се паркираат, да плаќаат 35 денари – додаде Богоев.

Анкетирањето, како што информираше градоначалникот, ќе започне во текот на месецов.

Богоев во мај месец, во интервју за „Слободен печат“ најави дека во текот на летото ќе спроведе маалски референдум со цел наоѓање на решение за проблемот со паркирањето, но тој референдум, како што информираат жителите на Карпош, на се спровел.

– Во летниот период ние сме спремни да направиме нешто што досега не било направено, а тоа е маалски референдум, односно изјаснување на ниво на населба, на ниво на урбана заедница. Досега имало референдумски изјаснувања на ниво на општини, проблемот со ГТЦ во Општина Центар пред неколку години, изјаснувањето за рудниците во јужниот дел на државата, но ова би било баш на микро ниво, маалско или изјаснување на населено место, каде што граѓаните ќе се изјаснат дали се согласуваат вака да се регулира паркингот под тие услови или вака да биде паркингот под тие услови. Практично таа е тема која може да предизвика одредени финансиски импликации, затоа треба граѓаните да се изјаснат и да си го кажат својот став без притоа јас како општина и градоначалник да се мешам со службите, напротив, нашата цел би била во такво сценарио целосно да оставиме и да обезбедиме демократски процес за граѓаните сами да си одлучат. Што ќе одлучат мнозинството граѓани тоа ќе се почитува, меѓутоа секако проактивно настапуваме во делот со проблемот со паркирање. По мене, не сметам дека е во ред да се узурпираат зелени површини за изградба на нови паркинзи – рече Богоев во интервјуто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот