Богоев: Демократското владеење – клучно за напредок

Стефан Богоев / Фото: Општина Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев е во неколкудневна посета на Вашингтон, Соединетитите Американски Држави (САД), во рамки на Програмата за размена на политички лидери меѓу Северна Македонија и САД, спроведена преку Американскиот совет за млади политички лидери (ACYPL), а на покана на Амбасадата на САД во Скопје.

Како што информираат од прес-службата на Општина Карпош, учесниците разменуваат искуства на повеќе релевантни теми: демократско владеење, креирање на политики, улогата на жените во политиката, изборен и правосуден систем и активно граѓанство.

Градоначалникот Богоев говореше во сесијата посветена на актуелните случувања во Македонија. Тој се осврнал на Пописот, чие спроведување е во тек, претстојните локални избори, справувањето со ковид-19 пандемијата и сл.

– Во сите овие процеси локалните самоуправи претставуваат важна „алка“. Општина Карпош редовно ги вклучува граѓаните во креирањето на локалните политики. Затоа што само на тој начин се обезбедуваат решенија и мерки кои вистински одговараат на потребите на граѓаните, рече Богоев.

Една од панел – сесиите беше посветена и на економските и трговски односи меѓу Северна Македонија, земјите членки на Европската унија и НАТО. Говорниците заклучија дека членството на Македонија во НАТО придонесе за поголема стабилност на државата, но и регионот, а Алијансата придонесува и за економско зајакнување на земјата, соопштуваат од општинската прес-служба.

Македонската делегација имаше можност да размени искуства со Пол Мекарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт (IRI), како и со повеќе претставници на државните институции и граѓанското општество.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот