Богдановиќ: Во стариот ДУП за Треска е предвиден станбен и деловен комплекс

Советот на Општина Центар на последната седница ја прими иницијативата со која се бара просторот кај „Треска“ да се оддели како посебна урбанистичка целина од ДУП „Буњаковец“ и да се уреди со распишување јавен конкурс. Тоа би значело дека општината ќе определи колку простор за градба да има, колку зеленило, колку приватни и јавни објекти да има, а заинтересираните архитекти ќе понудат дизајни како сето тоа да изгледа.

Прашан дали на локацијата на поранешната фабрика Треска ќе се гради станбен комплекс, градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека според стариот ДУП, за оваа локација е предвидена изградба на станбен и деловен комплекс.

– Таму по стариот план има предвидено станбен и деловен простор во одреден процент, но знаете дека тој план, како и доста други се под ревидирање, односно подлежат на одлука за неизвршување додека не се усогласат со ГУП-от и додека не вклопиме некои работи коишто сметаме дека треба да бидат и во описниот план нема да бидат ставени на совет за усвојување па тогаш да може да се извршуваат. Што се однесува до делот со Треска, тој е дел од планот Буњаковец кој се работи од 2014 година, а во моментов е во мораториум. Имаме одредени иницијативи на кој начин тоа да се решава и нормално тоа го усогласуваме. Важно е иницијативите да бидат правно издржани и да видиме кој е саканиот ефект од нив – рече Богдановиќ.

На иницијативата се потпишани 272 граѓани, главно архитекти, како и повеќе организации, меѓу кои „Здравје пред профит во Центар“, „Транспарентност Македониј“, „О2 Коалиција“, а поддршка на оваа иницијатива дале и Асоцијацијата на архитекти, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и инженери, и други. Богдановиќ информира дека се сретнале со подносителите на иницијативата.

– Досега имавме два состанока со луѓето кои ги поднесуваат тие иницијативи, денеска ќе имаме состанок и со колегите од општината и доколку би дошло до одредено прифаќање и договарање ќе треба да ги спроведат иницијативите во самите институции, сектори итн – објасни Богдановиќ.

Главна цел на оваа иницијатива, како што објаснуваат подносителите, е да се запази јавниот интерес и да се спречи изградба на мегаломански станбено-деловни објекти кои би предизвикале дополнително гушење на овој простор.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот