Тротинетите на струја небезбедни за сите

фото: Слободен печат/Д.Митрески

Употребата на електричните тротинети е веќе секојдневие и бројот на корисници значително се зголемува. Се почесто се пријавуваат незгоди кои се предизвикани од возачите на овие превозни средства, но и такви во кои тие учествувале.

– Електричните тротинети се многу економични превозни средства, но се многу небезбедни. Има многу места во градот каде што не можат да се користат или има безброј дупки кои ја загрозуваат нашата безбедност. Потребно е да се донесе некоја регулација со која ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, но и значитело да се подобри инфраструктурата за возење – вели Мартин од Скопје.

Засега кај нас не постои никаква регулација за тоа каде, кога, кој и дали смее да ги управуваа електричните тротинети, каква опрема треба да носат возачите, со која брзина смеат да се движат и слично, па поради тоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата се одржа дебата на темата „Учество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?“, како дел од кампањата „Европска недела на мобилност“.

На прашање на „Слободен печат“, поради тоа што во моментов ќе се дебатира за регулацијата на движењето на електричните тротинети и велосипедите на обележаните патеки, сепак голем број од овие лица имаат заработено повреди или имале проблеми со пешаците кои се движат на места кои не се за нив, па како и дали некој ќе ги санкционира и нив.

– Денеска имав средба со министерот за локална самоуправа Горан Милевски каде побаравме да има измени во законите за да можат општините да имаат своја општинска полиција која ќе го регулира користењето на електрични тротинети и велосипеди, а другото за пешаци и да нема прекршување од страна на едните и другите. Во однос на тој што ќе ја пречекори линијата тогаш да биде санкциониран, бидејќи се случувале такви работи, ние имаме такви поплаки, но досега немало кој тоа да го санкционира. Па поради тоа ние сакаме како Општина тоа да го следиме, затоа што ние сме тие што ја правиме инфраструктурата и ние сакаме да го уредуваме начинот на функционирање – додаде градоначалникот на Центар.

На тркалезната маса присуствуваа претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и високи претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерството за образование и наука, Град Скопје, невладини организации и здруженија.

Во своето обраќање пред присутните Кожуваровска рече дека заедничка цел на сите присутни е да се превземат и имплементираат неопходните мерки и со цел да се обезбедат потребните услови за безбедно и непречено одвивање на патниот сообраќај. Само така на сите општествени членови ќе им се обезбедат услови во користењето на патниот сообраќај и намалување на бројот на повредени и загинати лица. Електричните тротинети и електромобилноста се нешто ново, нешто што е во тренд. Брзиот и континуиран развој и технологиите и новите модели кои брзо се шират придонесуваат сите светски трендови брзо да се пренесат и кај нас. Нивното присуство носи големи придобивки и за намалување на бројните проблеми во градовите, но носи и закани за учесниците во сообраќајот. Ова отвора бројни прашања кој може да учествува во сообраќајот, кој може да управува со нив, возраста, што треба да поседува електричниот тротинет и каква опрема треба да имаат лицата кои управуваат со нив, каде треба да се движат истите и со која брзина, потоа кој и каква одговорност ќе сноси при сообраќајна незгода. Ова се многу прашања на кои не е едноставно да се даде одговор од причина што во ЕУ не постои едно унифицирано прифатено решение кое ќе претставува конкретен пример, насока искуство или порака која треба да се следи.

– Oваа недела е „Европска недела на мобилност“, па поради тоа РСБСП активно учествува во оваа кампања. За сметка на тоа се појави една потреба да се организира една ваква тркалезна маса на тема која е многу актуелна или учество во сообраќајот на електричните тротинети и нивното вклучување во сообраќајот. Денес во целата наша држава учествуваат овие превозни средства, а за сметка на тоа имаме многу позитивни, но и негативни мислења. Па поради тоа е денешната огранизација на тркалезната маса на темата „Учество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?“. Прво и основно немаме дефиниција за електричните тротинети. Второ, кој треба да го употребува, на која возраст треба да го управува, лицето како треба да биде опремено за да може тротинетот да го управува, на кој дел треба да се движи, на велосипедски патеки или на некои специјални тротоари што ќе се направат, рече Кожуваровска.

фото: Слободен печат

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, истакна дека тие како локална самоуправа го стимулиррат користењето на електрични тротинети со цел да се намали возењето на автомобили, а со тоа да се придонесеме за намалување на сообраќајот и загаденоста.

Богдановиќ рече дека огромни се инвестициите за да се ослободуваат тротоарите, но додаде дека за две години ќе ја постигнат целта – Центар да биде покриен со велосипедски патеки, односно со патеки каде ќе можат да се движат.

– Ние како Општина Центар присуствуваме на оваа тркалезна маса и ќе разговараме за модниот тренд, кој ние како локална самоуправа го помагаме, го стимулираме со цел да го намалиме возењето автомобили во центарот на градот, да придонесеме за намалувањето на загаденоста, потоа проблемите со паркирањето на автомобили. Но секој нов тренд имаме и нови предизвици од безбедносен аспект, од начин на користење, па затоа сметаме дека сите заедно треба да бидеме учесници во оваа проблематика, да ги отвориме сите теми и да подискутираме, а притоа да дадеме соодветни предлози и заклучоци кои ќе придонесат да се донесат соодветни решенија.  – изјави Богдановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот