Богдановиќ најави реконструкција на улицата „Народен Фронт” во Капиштец

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар. / Фото: МИА

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ најави реконструкција на улицата „Народен Фронт”, во Капиштец, со што целосно ќе се уреди коловозната конструкција на површина од 11.543 метри квадрани, а ќе бидат опфатени трите краци помеѓу зградите. Покрај улицата ќе се реконструираат и подигнатите пешачки платоа за смирување на сообраќајот и ќе биде поставено ново модерно лед-осветлување.

-Ми претставува особено задоволство и чест да најавам дека започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Народен Фронт”, која е една од главните сообраќајници во населбата Капиштец. По завршувањето на реконструкцијата на улицата „Васил Ѓоргов” со Град Скопје, сега ја започнуваме и втората најголема сообраќајница во Капиштец, за којашто од Општинскиот Буџет имаме планирано 40 милиони денари. Воедно, сакам да најавам дека како ќе се одвива реконструкцијата, ќе се обноват и тротоарите, а ќе се направи и резидентно паркирање за сите станари, истакна Богдановиќ.

Реконструкцијата на улицата „Народен Фронт” ќе се изведува по примерот на улица „Орце Николов” во Дебар Маало, а како што посочи градоначалникот оваа година Општината ќе заврши со реконструкција на повеќе од 15 улици во Центар.

Во наредниот период, Општина Центар најави дека започнува со реконструкција на улиците „Јордан Хаџи-Константин Џинот”, „Ристо Шишков”, „Дебарца”, „Драмска”, „Ленинова”, „Мирослав Крлежа”, „Теодосиј Гологанов”, „Рајко Жинзифов”, „Елисије Поповски Марко”, „Алберт Ајнштајн”, „Андон Дуков”, „Дон Бас” и улица „Козара”

Видео на денот