Богдановиќ: Градежните активности ќе значат подобар живот за маџирмаалци

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска ги презентираше градежните активности што се одвиваат во населбата Маџир Маало и реконструкцијата на улиците „Титовелешка”, „Петричка” и „Ѓуро Ѓоновиќ”.

– Откако ја завршивме капиталната улица, а тоа е улицата „Ѓуро Ѓоновиќ” на главната сообраќајница во Маџир Маало, којашто не беше реконструирана 50 години, и откога ја започнавме улицата „Петричка”, „Титовелешка” е трета улица која ја почнуваме во изминативе две години. Со ова покажуваме сериозност колку сакаме Маџир Маало да се развива и модернизира. Станува збор за улица долга 369 метри на којашто целосно се реновира фекалната и водоводната мрежа и очекуваме најдоцна до 20 јануари следната година да завршиме со сите градежни активности, изјави денеска Богдановиќ на прес-конференција.

Тој најави и дека Општината ќе продолжи со поддршка на сите активности околу организирање на традиционалните маџирмаалски средби и со реконструкција на долното игралиште на кејот на реката Вардар.

– Се надевам дека до крајот на оваа и почетокот на идната година, некои работи што ги имаме ветено ќе ги испочитуваме, изјави градоначалникот Богдановиќ.

Тој нагласи дека претходно реконструираната улица „Ѓуро Ѓоновиќ”, со комплетно нова  атмосферска, водоводна и фекална канализација, како и тековните градежни активности на улицата „Петричка” и поставувањето на нова водоводна и фекална мрежа на улицата „Титовелешка”, ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на маџирмаалци во однос на уредување на градежното земјиште и комуналните работи и пред се во зголемување на квалитетот за пиење вода во Маџир Маало.

Градежните активности на улицата „Титовелешка” со должина од 396 метри се реализираат со поддршка од Министерството за финансии, преку проектот за подобрување на општинските услуги и финансиски заем од Меѓународна банка за обнова и развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот