Богдановиќ: Дел од дрвјата беа шупливи, а дел без корени, ќе се заменат со нови

И покрај објаснувањето на градоначалникот, „масакрот“ на дрвјата на улицата Орце Николов, како што го нарекоа граѓаните по социјалните мрежи, предизвика голем гнев кај јавноста, но и кај здруженијата загрижени за здравото живеење во Скопје.

Дел од дрвjата на улицата Орце Николов, кои деновиве беа исечени, биле шупливи, а дел немале корени иако изгледале здрави и биле опасни за безбедноста на минувачите затоа што при посилен ветар можеле да паднат. Ова го тврди градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој нагласи дека до Град Скопје биле стигнати многу дописи од жители на оваа улица поради тоа што од дрвјата паѓале и се кршеле гранки.

„На улицата Орце Николов има 171 дрво, решение има за 13, а вчера беа отстранети осум стари и шупливи дрвја. Кога се прави толкава реконструкција, нормално е да се отстранат и дрвјата што се стари и небезбедни и да се заменат со нови“ – рече Богдановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција, тој рече дека дрвјата се проценети инаку не би можело да биде издадено решение за нивно отстранување. Богдановиќ објасни дека при процена на дрвјата се утврдува дали тие треба да бидат поткастрени, да им биде отстранета некоја гранка или доколку не можат да се спасат, се отстрануваат и на нивно место се засадуваат нови.

„Масакрот“ на дрвјата на улицата Орце Николов, како што го нарекоа граѓаните по социјалните мрежи, предизвика голем гнев кај јавноста, но и кај здруженијата загрижени за здравото живеење во Скопје.

ФОТО+ВИДЕО: На улицата Орце Николов од утрово се сечат дрва, граѓаните тврдат здрави, а не суви и болни

Организацијата „Гоу грин“ побара под итно да се објави извештајот за проценка на квалитетот и состојбата на исечените дрвја и да се објави кое е лицето кое ја извршило анализата на терен и како и со кои методи е направена процената.

„Дали кога е правен зелениот катастар на Град Скопје овие стебла се проценети во лоша состојба? Според она што ние го видовме на „полуфункционалната веб-страница“ http://gisportal.skopje.gov.mk/zk/ , овие дрвја се попишани со зелено – а не жолто или црвено. На терен видовме дрвја кои имаат шупливи гранки, но не и стебло! Проблемот тука е што не е навремено интервенирано од страна на надлежните лица да се кратат и одржуваат тие дрвја за да не дојдат до ова. Но секако не е тоа причина за да се исече цело дрво!“ – велат од „Гоу грин“

Реагираа и од „02 иницијатива“ со обвинување дека на улицата „Орце Николов“ се исечени најголемите дрвја исто како тие на булевар Србија пред еден месец или како тие на Рузвелтова.

„Од она што се гледа – дрвјата не се болни, единствен проблем им е што биле големи, најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла. Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување, цевки, кабли, па што има да смислуваат решение, ќе му се секираат за некое дрво, пушти пилата и решен проблем башка ќе се отвори тендерче, ќе си посадат нови, со помали стебленца, важно да се брои, плус ќе си пораснат цифрите на ново посадени. Друга работа е што во приказнава ич не се замараат што толку многу дрвја им се разболуваат на толку мал простор, очигледно некој не си ја работи работата за која е платен, ама тоа за нив е нормална работа. Нормално им е да ги соголат корењата, со бетон да ги премачкаат, да ги асфалтираат, важно улица реконструирале – достигнување, вредно за жртва од децениски израснати дрвја“ – напишаа од „02 иницијатива“ на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот