Богдановиќ: Да земам да се самозапалам, за ЈО да го отвори предметот за „Никофон“

Додека општина Центар чека Јавното обвинителство да одлучи во корист на општината и со тоа да го поништи одобрението за градба на катната гаража, инвеститорот „Никофон“ во секој момент може да почне да гради, затоа што има добиено одобрение за градба уште во времето на Андреј Жерновски. За таа цел, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, како што посочи денеска, побарал да се издаде времена мерка за прекин на градба, со цел да не се случи несакана штета бидејќи има недоистражени работи во случајот.

– За да не се случи несакана штета, а да останат работи неистражени, сметаме дека треба да се истражи побрзо и да се даде времена мерка, на крај да се знае дали ние ја зборуваме вистината или некој друг. Ние го затекнавме случајот со веќе продадено земјиште, но грешките ги наоѓаме и сакаме да ги исправиме грешките – рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

Откако вчера Јавното обвинителство информираше дека материјалите од општина Центар во врска со парцелата кај „Авто Македонија“ не биле целосни, денеска на прес конференција Богдановиќ ги презентираше и документите кои Обвинителството дополнително ги побарало од општината, односно 72 списи во 2016 година, а во 2019 година, од кога стопанисуваат со земјиштето, доставиле списи до МВР, одделот за сузбивање.

– До обвинителството е доставен предмет за доставка на 72 списи. Општината постапила согласно барањата на надлежните органи, доставени се сите документи, а од обвинителство, доставивме и списи до МВР, прилог, записници. Од обвинителство не ни кажале што ни недостасува. Оттаму поднеле обвиненија и била поднесена кривична пријава. Ние не сме истражен орган и треба побрзо да се постапи. Не верувам дека некој ќе се потепа за изградба на катна гаража, затоа што не знам колку е тоа исплатливо и јасно било дека намерата била сосема друга – истакна Богдановиќ.

Според него, општината најмногу се сомнева во носењето на ДУП-от и начинот на кој се продало земјиштето во Голем Ринг.

– На 5.4.2012 година е донесен Деталниот урбанистички план, а по 18 дена, што за нас е чудно и сомнително, бидејќи откако ќе донесете ДУП, од 15 до 30 дена треба за усогласување со Катастар. Нас ни укажува дека претходно биле некои работи договорени. За 18 дена донеле план, картирање и спроведување на јавен повик. Го имаме изводот на 12.4.2012 година, односно седум дена по носењето. Намената е со Е2, која согласно Службен весник станува збор за гаражни куќи или катни гаражи. Во Службен весник на 21 март 2012 година, има цена од 5.600 денари за Е2 намени, а бидејќи тука станува збор за Б и Е2 категории, кога ќе се спојат, се доаѓа до сума од над 5.000 денари, која требало да биде почетна цена. На јавниот повик се воведени условите, а започнат е со цена од 1.850 денари, а е запишано Е2 намена. Нејасно е како Министерството за транспорт и врски успеало почетната цена од 1.850 денари, што дава основен сомнеж дека ако имало повисока цена во државната каса ќе се слеале повеќе пари – истакна градоначалникот Богдановиќ.

И покрај сите докази кои Општина Центар ги доставила до ЈО, од таму сè уште нема конкретен одговор, што посебно го револтира Богдановиќ.

„Барам од Обвинителството што побрзо да ни каже дали сме во право, за да знаеме како понатаму да реагираме.Не знам уште што да направам, за да го отворат предметот, да земам да се самозапалам“, реагира градоначалникот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Богдановиќ рече дека по барање на адвокатот на сопственикот на „Никофон“, Никола Настески, општина Центар имала неколку обиди да постигне договор со фирмата за обештетување, со цел да не се гради катна гаража кај „Авто Македонија“.

– Имавме средба по барање на адвокатот на Настески. Една од идеите беше да се најде начин за обештетување. Бидејќи процесот беше долг, претпоставувам дека тоа му излегдало несериозно на него, но јас не можам да го диктирам темпото, имавме усни разговори и неколку дописи, на крајот тој рече дека сака да гради“, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот