Богдановиќ: Бараме вклучување на повеќе институции за предмети поврзани со ДУП-овите

Вчера имавме онлајн состанок на кој разговаравме со членовите од Антикорупциска комисија за одредени предмети, ситуации, посебно поврзани со Деталните урбанистички планови. Бараме поддршка, соработка во одредени процеси што Општина Центар ги има започнато. Сметаме дека доколку се вклучат одредени институции, пред се тие кои се занимаваат со спречување на можни сомнежи за одредени незаконски активности или корупција, да дадат свој придонес и да ни помогнат во одредени наши борби за заедничка цел, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

Тој вели дека побарале информации што ги слушнале од јавноста за одредени локации каде имало започнати спорови, но и, како што посочи, сакаат да дадат одредени предмети за кои Општина Центар започнала иницијативи и претставки до надлежни институции за што се уште немаат одговор.

– Многу од тие предмети доколку се решат на начин на кој мисли Општината или се сомнева дека има одредени прекршувања, значително ќе ја изменат ситуацијата на одредени локации и места. Тоа значи дека доколку на некое место се докаже дека имало спор на продажба на земјиште, спор на отуѓување, незаконски акти кои биле донесени, доаѓа до поништување на тие акти и воедно враќање на првобитна состојба која за жал сме ја затекнале, рече Богдановиќ.

Во обвинителство, како што додаде, веќе се отворени неколку предмети, но смета дека тоа не е доволно.

– Со предавањето на тие предмети мислам дека заедно со членовите на ДКСК ќе дадеме забрзан тек на тие работи, бидејќи со расчистување на тие предмети ќе успееме да докажеме одредени незаконски работи кои се случувале во минатото, а за жал денеска ги гледаме како последици. Така да најважно ни е сите процеси кои се водат пред сите институции, но и процеси кои ги води Општина Центар да бидат јасно чисти и точно да се знае каде се направени прекршувања и кој ќе сноси одговорност за нив, рече Богдановиќ.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска рече дека брзата одлука на Уставниот суд за укинување на одлуката на Општина Центар за неспроведување на ДУП-от остава простор за размислување кои се причините за вака приоритетното прифаќање на иницијативата за укинување на оваа одлука.

– ДКСК постапуваше по повеќе предмети кои беа поврзани со овој спорен ДУП и со продажбата на локацијата и дадовме препораки и укажувања на Општина Центар за можните ризици од корупција и влијанието на сопствениците врз планерите при подготовка на планот. Поради правни недоречености и бавни одговори на надлежните институции, тука ќе го споменам Министерството за транспорт и врски и соработката со Општина Центар, овој план се уште не е под суспензија. Го охрабрувам градоначалникот да размисли пред да ја донесе одлуката за давање на дозвола на планот да ги испита сите можности за да го стави плаот под суспензија и да не донесува дозвола за градење за план кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план, рече Ивановска.

Имајќи ја предвид сериозноста на проблемот што предизвика голема загриженост кај граѓаните, вели Ивановска, препорачуваме институциите да постапуваат законито и координирано имајќи го предвид стручното мислење на професионалците, се во насока на зачувување на темелните вредности гарантирани со уставот, за уредување и хуманизација на просторот и унапредување на животната средина.

Прашан зошто досега не се постапило за парцелата кај Холидеј Ин, Богдановиќ рече дека тоа не е точно, односно, како што кажа, поднеле одредени пријави не само за таа, туку и за други локации и чекаат одговор од институциите.

– Ако ја читате пресудата од Уставен суд, вели сите да се земат подеднакво. Значи ние сите 31 план ги земавме подеднакво и не е точно дека не сме постапиле. Баш тој план исто беше ставен под суспензија исто како другите. Сите планови беа третирани исто. Тој план дојде до 14, 15 чекор каде едноставно дододовме до судир со планерската куќа и заради тоа покренавме одредени постапки, Ете ние покренуваме, донесовме мораториум еднаш, донесовме мораториум втор пат иако не смееме. Јас се соочив со кривична одговорност и денес секој може да ме гони кривично затоа што по одлука на Уставен суд, носам повторно одлука. И еве сега, пак застанувам јавно и кажувам сите предмети ги доставуваме до надлежни институции за да преземат нешто. Имаме неусогласен план, стручни комисии го докажале тоа. Постапуваме по тоа, но ако некој не го фати за гуша тој што направил план во 2012, тој што го одобрил, џабе ние расправаме тука. Уставен суд ви вика тоа е законски и дека не можете тоа да го направите, точно надминати се параметри но не сте во право, рече Богдановиќ.

Посочи дека Комората на архитекти се уште не го дава тарифникот за да можат да се работат новите планови.

– Општина Центар досега има донесено осум плана и сите постапки ги имаме запазено, дури без никаков проблем или приговор, ние си продолжуваме, плановите си ги менуваме. Но, целта беше стариот план да се застане, бидејќи ако се реализираат дел по дел од стариот план тогаш џабе го носите новиот, бидејќи веќе некои работи ќе се изградат и не можете да ги спречите, рече Богдановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот