Бочварски: Започнуваме со инфраструктурни проекти, какви што немало во историјата на независна Македонија

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на Општина Желино, изјави дека 2023 година ќе биде година на инфраструктурни проекти, какви што немало во независна Македонија.
Изградбата на 110 километри автопатишта вели тој, ќе ја подигне економијата и ќе им го олесни животот на граѓаните. Месецов според него треба да заврши постапката за избор на консултант и надзорен орган кој ќе ја следи работата на изградбата на автопатиштата, а на пролет очекувањата се веќе да започнат градежните активности. Ова не се само празни фрази, додаде Бочварски.
„На дело покажуваме како треба да работиме во делот на инфраструктурата и како сме подготвени да сработиме 110 километри автопатишта, а тоа е делницата Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Требениште- Струга – Ќафасан и Прилеп- Битола, тоа покажува како оваа Влада е подготвена за големи проекти. Во текот на овој месец треба да завршат жалбените постапки за консултантската компанија и веднаш таа компанија ќе влезе во преговори со компанијата „Бектел“ која треба да гради. Проектантските куќи ќе видат каде е возможно да се започне со градба, имајќи предвид дека некаде може да имаме имотно – правни прашања, кои што треба да бидат надминати. Ние посакуваме секаде да почнеме за изградба ,но мора да се се почитува сопственоста на граѓаните, но посакуваме напролет да започне овој комплетен пакет од преку 110 километри автопат“, рече министерот Бочварски.
Тој дополни дека и проектот за обиколница за Тетово е при крај, а Владата е во координација со Република Косово во врска со реализацијата на проектот патно поврзување на Тетово – Призрен.
„Постапката за обиколница за Тетово верувам дека е значајна за сите, проектот е при самиот крај и очекувам оваа година ќе се распише тендерската постапка. Со овој проект ќе се растерети и сообраќајот, се работи за обиколница кај Требош, а предвидена е и клучка за економската зона и сите елементи кои се дозволени согласно законот. Што се однесува на проектот пат Тетово – Призрен за тоа треба да се направи една добра анализа, физибилити студија, идејни проекти и избор на најповолна траса, а тоа значи најповолна и финансиски оправдана понуда. Во овој случај, се работи за пат кој поврзува две држави и имаме координација со Косово. Ние работиме темелно, се со цел кога ќе влеземе на терен да немаме проблеми, дека се работи за планински превој кој ќе биде доста тежок инфраструктурен проект. За сите чекори детално ќе информираме, интерес на двете држави е да се реализира, додаде Бочварски.