Бочварски: За десетина дена нов оглас за станови во социјалната зграда во Струмица

Фото: МИА

Повторно е формирана комисија која работи на нов повик за распределба на станови од социјалната зграда во Струмица, а ресорниот министер Благој Бочварски, очекува да биде распишан за десетина дена.

-И во претходниот период имаше неколку обиди да бидат распределени становите од оваа социјална зграда на граѓани на кои тоа им е најпотребно, но биле неуспешни заради повеќе причини. Но, денес повторно имаме формирано комисија којашто работи на распишување на новиот оглас и моите очекувања се дека за десетина денови ќе биде распишан повикот на кој ќе можат да се пријавуваат сите граѓани од Општина Струмица на кои им е потребен покрив над глава,  изјави денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Според него, причина за нераспределување на становите и три години по изградбата на зградата е тоа што имало повеќе пријавени кандидати од околните општини.

-Методологијата која е пропишана со закон е граѓани на матичната општина да можат да аплицираат за добивање на ваков социјален стан за ранливите категории. Сега очекувам повикот ќе биде добро распространет во јавноста за да можат граѓаните да аплицираат и да добијат социјален стан, додаде министерот Бочварски, кој присуствуваше на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски во Струмица.

На новинарско прашање дали во Струмица има можност да се изгради уште една социјална зграда, Бочварски одговори дека се работи многу на изградба на социјални станови во државата и преку 600 станови се градат во моментот.

-Работиме на изнаоѓање нови локации и ги следиме потребите на населението. Комуницираме со матичните одделенија на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, со центрите за социјална работа, со градоначалниците каде има најмногу потреба. Еве, пример е Демир Капија, каде се гради корисна мала социјална зграда, исто така и во Гевгелија, но ќе ги следиме потребите и доколку има барања стоиме на располагање. Треба да ни биде доделена локација за да влезе во програмата за да се проектира таква зграда и да се почне со изградба, одговори министерот Бочварски.

Тој најави дека ќе се разгледува измена на законското решение за да може да се откупуваат социјалните станови.

На прашање зошто граѓани од соседни општини не можат да конкурираат за социјални станови во друга општина и дали тоа е дискриминација на граѓаните, Бочварски одговори дека треба да се разработува моделот и помалите општини да имаат можност за изградба на социјални станови. Додаде дека министерството ги разгледува сите можности и доколку се јави потреба и во помалите рурални општини може да се изнајдат простори за прилагодување за изградба на станбени единици, но тоа мора да се прави во координација со градоначалниците и центрите за социјална работа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот