Бочварски очекува пругата кон Бугарија наскоро да почне да се гради

Благој Бочварски /Фото: МИА

Во финална фаза се процедурите од тендерската постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, порача денеска од Штип министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

За двете делници во игра се осум компании, а министерот очекува на почетокот на идната година да се склучат договорите со избраните компании.

– За првата делница Куманово – Бељаковце имаме три заинтересирани фирми, за втората делница Бељаковце – Крива Паланка имаме пет заинтересирани компании. Нашите и моите очекувања се дека во текот на јануари ќе можеме да потпишеме и договор и кон крајот на првиот квартал, односно напролет 2022 година да започне да се гради пругата кон Бугарија. Тоа е многу значајно и со инвестиција од околу 200 милиони евра првата и втората фаза ќе влезат во реализација. Исто така, децениски проект којшто денеска се решава и денес продолжува со градба, рече денеска Бочварски.