Бочварски го презентираше отчетот за сработеното во Штип

Во изминатите две години покажавме дека со вредна работа, настојчивост и упорност му го даваме на Штип местото кое го заслужува, вистински универзитетски центар, кој на сиот регион му го покажува патот кон европските вредности, истакна синоќа градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, којшто го презентираше својот отчет за работењето во изминатите две години.

Смета дека за овој период од неговиот мандат сработени се повеќе капитални објекти. Потенцираше дека во финална фаза е изградбата на новата детска градинка во штипската населба „Сењак”, којашто ќе згрижи 200 деца, но и ќе го реши проблемот со долгите листи на чекање за прием во градинките. Во изградбата на овој објект општината, а мал дел и министерството за локална самоуправа имаат инвестирано над 900.000 евра.

Во завршна фаза е и изградбата на новиот мост на реката Брегалница, којшто ќе биде единствен лаичен мост во земјава. Тежи 240 тони, а останува уште да се изврши бетонирање на коловозотот, а потоа и негово асфалтирање. Штипскиот градоначалник истакна дека со изградба на новата обиколница, кружен тек и мостот на река Брегалница се поврзуваат населбите Сењак, Дузлак, Баби, Автокоманда и Дузлачки рид со населбата Пребег и индустрискиот дел на градот. Со што Штип ќе го реши сообрачајниот хаос на влезот и излезот на градот.

-Се разбира, најголемо достигнување е реализацијата на повеќедеценискиот сон на штипјани, изградба на брана на река Отиња. Изградбата на браната ќе ја реализираме со помош на Владата, најголема поддршка имаме од премиерот Зоран Заев. Во финална фаза е документацијата за добивање на дозвола за градба- рече Бочварски.

Тој пред штипјани презентираше дека овој проект чини 7,5 милиони евра, којшто на штипјани ќе им овозможи конечно да имаат брана во своја близина, но и за спорт, рекреација, заштита од поплави, а во втората фаза и производство на енергија. Смета дека важно е што она што го ветиле во програмата го реализираат.

Обзебедивме чиста вода за пиење во населбата Балканска, продолжуваме и во Македонка и Чардаклија. Секоја приградска населба во Штип ќе добие чиста вода за пиење.Ние ја намаливме и цената на водата за пиење за 10 отсто, со што целосно го исполнивме нашето ветување. ЈП „Исар” работи домаќински и одговорно, затоа и успеавме не само да ги реалзираме секојдневните активности, туку и да набавиме две нови машини, рече Бочварски.

Во отчетот забележа дека реконструирани се 50 улици со должина од 16 километри, а изградени и реконструирани се пешачки патеки со површина од 11.000 метри квадратни, а инвестирано е и во улично осветлување кон Кампус 4, односно на влезот и излезот од градот.

-Штип по Струмица и Куманово ќе биде наредната општина која ќе биде гасифицирана. Секундарната гасификациона мрежа е во должина од 21 километар и тоа е особено значајно постигнување на нашиот град. Енергетски оспособивме три објекти со зелени извори на енергија, односно фотоволтаици- рече Бочварски.

Тој се осврна и на инвестициите во училиштата и градинките, каде што се реалзирани проекти кои со години се барани од наставниците, но и од родителите на учениците. Во училиштето „Тошо Арсов” конечно се сменети старите прозорци, со што од оваа година во ова училиште ќе има современи услови за едукација, се реконструираа повеќе клонови на детски градинки,а се промени и системот за греење во една од најстарите градинки во Штип.

-За нас важни се сите граѓани и сите нивни потреби. Работиме во интерес на граѓаните- рече Бочварски.

Во салата на Општинскиот Мултимедијалец центар „Киро Глигоров” присуствуваа голем број на граѓани, но и министрите за внатрешни работи и локална самоуправа, Оливер Спасовски и Горан Милевски, заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев и Секретар на СДСМ, Љупчо Николовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот