Блупринт група: Обвинителите ги навредувале стручните соработници за политизираност, Јолевски да се изјасни дали се согласува со навредите

Совет на јавни обвинители/Фото: ОЈО

Блупринт групата за реформи во правосудството го повикува претседателот на Советот на Јавни обвинители Антонио Јолевски во името на Советот да се произнесе за навредите што нивен член ги упатил кон претставниците на граѓанското оштество на седницата одржана на 11 ноември 2022 година, а во врска со критиките при изборот на новиот шеф на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.   

Во јавно обраќање преку медиумите Блупринт-групата потенцира дека поради упатените навреди контекстот бил крајно непрофесионален, а дискусијата на седницата во целост спротивна на стандардите за етичко однесување на јавните обвинители, што е ризик за создавање на недоверба што може да доведе до несоработка со заинтересираните страни во реформата на правосудството.

– Имено, на 69-тата јавна седница на Советот на јавни обвинители на која присуствуваа и претставници од организациите членки на Блупринт-групата за реформи во правосудството кои редовно ја следат работата на Советот, од страна на членовите на Советот беше отворена дискусија за јавните реакции на стручната јавност, правните експерти и граѓанските организации за спроведувањето на изборот на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК. Во рамките на дискусијата еден од членовите на Советот во неколку наврати упати навреди кон Блупринт-групата и граѓанското општество во целина, при што се обиде навредливо да ја дискредитира работата на организациите од Блупринт-групата. Од дискусија на овој член на Советот која содржеше неаргументирани несогласувања со јавно споделениот став на Блупринт-групата за недоволната транспарентност во процесот на избор на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК, најмногу загрижува неговиот став и намера да укаже дека граѓанските организации не треба воопшто да даваат мислење во јавноста за работата на Советот и дека истите се под политички влијанија, а критиките упатени кон Советот се со намера за рушење на неговиот кредибилитетот. Оваа дискусија не беше спречена од страна на претседателот на Советот на Јавните обвинители ниту од друг член, а уште позагрижувачки е дека не беше ниту изолирана. Имено, во продолжение на дискусијата од страна на друг член на Советот беше истакнато дека ставовите искажани од нивниот колега за Блупринт групата се ставови и на Советот – наведуваат гражанските здруженија од Блупринт-групата.

Веднаш по завршувањето на седницата, Блупринт-групата испрати писмо до претседателот на Советот Јолевски со барање во најкус рок да се произнесе дали искажните ставови на двајцата членови се став на целиот Советот или се лични.

– Тргнувајќи од досегашната соработка помеѓу Блупринт групата за реформи во правосудството и Советот на Јавни обвинители, сметаме дека со искажаната дискусија со навреди и непрофесионален тон се создава околина на недоверба и несоработка помеѓу Советот и граѓанското општество во клучен момент за процесите за реформа на правосудството и европските интеграции. Нас не’ загрижува потценувачкиот и навредувачкиот однос од член на Советот, кој е истакнат правник и сметаме дека истиот претставува и притисок врз граѓанското општество, со цел да ограничи конструктивната критика упатена кон работата на јавните институции, а со тоа и да се намали степенот на отвореност, инклузивност, транспарентност и отчетност на институциите кои се клучни елементи на принципот на владеење на правото како темел на демократските општества. Очекуваме од г. Јолевски, кој досега покажал висок професионален интегритети бил отворен за комуникација и соработка со граѓанските организации, во името на Советот на јавните обвинители да се произнесе по барањето на Блупринт групата за реформа на правосудството и притоа јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанките организации и кон сите останати кон кои биле упатени навредите и дискредитациите – бараат од групата.

Во Блупринт-групата членуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и

Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот