Блумсдеј во чест на Џејмс Џојс: Делата на Џојс бараат креативен преведувач

Глобалниот феномен на прослава на Блумсдеј (16 јуни), денот во кој се слави творештвото на славниот ирски писател Џејмс Џојс, преку главниот лик Леополд Блум од романот „Улис“, благодарение на преведувачката Марија Гиревска беше присутен и во нашата држава.

Иницијативата на преведувачката Марија Гиревска за читање фрагменти од делото „Улис“ на Џејмс Џојс ја прифатија 11 преведувачи од различни држави и повеќе писатели, поети и личности од нашата држава што го почитуваат делото на Џојс. Марија Гиревска (1980, Скопје) е професор на Богословскиот факултет, магистер по теологија, а магистрирала и докторирала и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава со книжевен превод, а за преводот на „Улис“ од Џејмс Џојс е добитник на наградата „Златно перо“ (2013).

Од каде се појави идејата за проектот и колку преведувачи на „Улис“ се вклучени во неговата реализација?

– Идејата е стара (уште од 2014 година објавувам кратки видеа-интервјуа за Блумсдеј), но некако се наметна како единствено изводливо решение за годинашнава прослава на Блумсдеј поради пандемијата со ковид-19, кога сите седиме по дома. Оваа година сите настани околу Џојс и Блумсдеј се одвиваат на социјалните мрежи и платформите, како што е Зум, на пример. Во мојот проект вклучени се 70 читања на 18-те епизоди во „Улис“ на 21 јазик (англиски, македонски, италијански, француски, германски, холандски, португалски, шпански, јапонски, руски, турски, полски, арапски, персиски, бугарски, српски, хрватски, албански, шведски, грузиски и курдски) со 11 преведувачи на Џојс.

Како е создадена базата на податоци на преведувачи на „Улис“ и како течеше комуникацијата со нив?

– Базата се моите лични контакти со овие преведувачи и Џојсовци кои сум ги запознала на симпозиумите, конференциите и летните школи за Џојс (Антверпен, Трст, Цирих и Рим) во изминативе седум години. Имав директна комуникација со сите учесници во проектот. Драго ми е што сите се одзваа на поканата и ги пратија своите видеа во многу кус рок.

Дали Блумсдеј се слави на глобално ниво и како е одбран датумот 16 јуни?

– Датумот 16 јуни е најславниот и најпознатиот ден во светската литература. Џојс одбрал да го смести дејството на својот роман „Улис“, почнувајќи од 8 часот наутро на 16 јуни (четврток) до раните утрински часови на 17 јуни (петок), токму на овој датум за да ја овековечи својата прва средба со Нора Барнакл, неговата идна сопруга со која ќе побегне од Даблин во 1904 година и цел живот ќе живее во прогонство, најпрвин во Пула и во Трст, а потоа во Париз и во Цирих. Првото одбележување на Блумсдеј се случило во Даблин на 50-годишнината од талкањето на Блум на 16 јуни 1904 година, опишано во романот „Улис“, во 1954 година, а оттогаш до денес прославата за Блумсдеј прерасна во глобален феномен.

Од преведувачки аспект, какво е значењето на делото на Џојс во глобални рамки?

– Како книжевен преведувач има многу што да се научи од Џојс. Значењето на преведувањето на овој автор се состои токму во тоа што неговите текстови не се лесно читливи и се особено алузивни, тие бараат посебна подготовка, па дури и упорност и истрајност при преведувањето. На крајот на краиштата, Џојс, како врвен писател, си бара креативен преведувач.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот