Брисел бара начин членството на Украина во ЕУ да стане дел од мировниот договор
Европската Унија разгледува повеќе опции со кои евентуалното членство на Украина би било вградено во идниот мировен договор, дознава „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите. Според нив, се анализира можноста Украина да добие и дел од заштитните механизми што произлегуваат од членството во ЕУ, како и непосреден пристап до одредени права што вообичаено им припаѓаат исклучиво на земјите-членки.
Препорачано
Во исто време, на Украина би ѝ бил понуден јасен временски рок и прецизно дефинирани чекори што треба да се завршат за да се напредува во формалниот процес на пристапување, велат изворите.
Опциите вклучуваат продолжување на тековниот процес на пристапување, како и воведување на преоден период со постепено приклучување на Украина кон ЕУ.
Портпаролот на Европската комисија потврди дека идното членство на Украина во ЕУ е дел од разговорите за мировниот договор, истакнувајќи дека ЕУ веќе ги зајакнува врските со земјите-кандидатки пред целосното пристапување.
Во случајот со Украина, ЕУ веќе ги користи постојните механизми за соработка, вклучувајќи го Договорот за асоцијација и Сеопфатниот договор за слободна трговија, додаде портпаролот.
Според нацрт-планот за мир од 20 точки, кој Украина го развива во голема мера во соработка со Соединетите Американски Држави, се очекува Украина да стане членка на ЕУ во 2027 година, со некои од придобивките од членството во преоден период.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Киев има за цел да се приклучи на ЕУ до таа година, нагласувајќи дека членството е клучна безбедносна гаранција за земјата.
На Украина ѝ беше доделен статус на кандидат за ЕУ во 2022 година, по почетокот на руската воена инвазија, а одобрение за отворање на преговорите за пристапување беше добиено кон крајот на 2023 година.


