Блокадите на Мицкоски ќе му дадат алиби на бугарското вето

Собрание седница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Овие блокади ниту се непознати, ниту се иновативни. Веќе се видени и сите завршиле со повлекување на опозицијата од блокадите и нормализирање на работа на Собранието – вели Горан Милевски од ЛДП, коалициски партнер во Владата.

Уценување и неприфаќање на дијалог е неприфатливо во демократијата. Средба, комуникација, соработка меѓу власта и опозицијата, односно меѓу партиите, мора да има и тотално неважно е кој е на власт, а кој во опозиција. Не можам да најдам разбирање зошто нема дијалог – вели комуникологот Бојан Кордалов, по одлуката на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира работата на Собранието.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната седница даде согласност за предлогот на лидерот  на партијата Христијан Мицкоски за активна блокада на Собранието. Потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека блокадата ќе стапи на сила на 10 мај и дека дотогаш власта има време да прифати лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени избори. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, претходно изјави дека одбива средби со Мицкоски кои се условени со датум за предвремени парламентарни избори.

Според аналитичарите, ваквите уцени од опозицијата се непримерни и неоправдани. Според Кордалов, самите блокади не се толку спорни колку нивниот мотив.

– Блокадите на Собранието не постојат од сега, ние сме биле сведоци на читање поезија, чукање со тенџериња и илјадници амандмани од сите политички структури. Тоа е нешто стандардно во македонското политичко милје. Секоја блокада и одлука мора да има конкретна цел и нормално е опозицијата да прави притисок врз власта нa сите легитимни начини, но во исто време мора да се стави во прв план интересот на граѓаните, односно потребите на граѓаните никогаш не смеат да бидат блокирани – вели Кордалов.

Тој додава дека во секоја нормална држава, а Македонија за него е нормална држава, земја којашто се наоѓа на европскиот континент, членка на најмоќниот воен сојуз НАТО и аспирант за членство во ЕУ, важно е политичкиот дијалог да биде континуиран процес, дел од политичката култура, а во фокус треба да ги стави приоритетите на граѓаните, а не партиските голи пресметки. Според него, тие приоритети се економијата, повисоките плати, социјалната политика, квалитетно здравство и образование, но не и предвремени избори.

Лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски вели дека самата блокада не мора да значи и предизвикување на нови избори.

– Овие блокади ниту се непознати, ниту се иновативни. Веќе се видени и сите завршиле со повлекување на опозицијата од блокадите и нормализирање на работа на Собранието – изјави Милевски за порталот „Локално.мк“.

Тој потсетува дека граѓаните ги бираат пратениците за да работат и да решаваат проблеми, а не да блокираат и самите да се креатори на проблемите.

– Времето ќе покаже дека таа блокада нема да ѝ донесе на опозицијата никакви позитивни поени, само ќе ги иритира граѓаните. Но тоа е нивна демократска одлука и проценка – подвлекува лидерот на ЛДП.

Тој повторува дека изборите се организираат на секои четири години, а локалните избори не можат да бидат причина за предвремени парламентарни избори.

– Граѓаните даваат доверба на четири години, а обично на половина од тој мандат преку локалните избори, даваат оценка на задоволството од актуелните политики на власта. Врз основа на тоа, секоја Владата треба да се корегира доколку сака повторно да победи на следните парламентарни избори, а не тоа да биде вовед во предвремени избори. Граѓаните генерално се заморени од избори и очекуваат работа во интерес на државата. Воената ситуација на европскиот континент, економската и енергетска криза се дополнителни причини кои укажуваат дека апсолутно не треба ниту да се помислува на нови избори – смета Милевски.

Политикологот Иво Рангеловиќ смета дека сега на државата најмалку ѝ е потребна политичка криза и дека блокадата на Собранието најавена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ даде алиби на Софија да го задржи ветото.

– Најавуваната блокада на Собранието доаѓа во еден исклучително комплексен период, пред се за надворешната политика на Македонија. Во моменти кога и неформален или премолчен консензус би ги зајакнал позициите на државата во пресрет на кревање на ветото, најмалку е потребна политичка криза. Блокада на Собранието ќе ѝ даде алиби на Софија за задржување на ветото. Суштински ништо нема да промени ниту нова влада во време на светска криза – економска, безбедносна, дури и општествена. Од друга страна, би било политички мудро ВМРО-ДПМНЕ да ја остави актуелната Влада предводена од СДСМ да се „истрча” во својод поход кон добивање датум, кој е безмалку невозможен во јуни, и со тоа да го обезбеди фронтот за победа, макар тоа биле и редовни избори -смета Рангеловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот