Блокада на Радушка додека не се санира улицата и не се спречи дивото градење

Од Општина Ѓорче Петров тврдат дека според средствата со кои располага Општината ќе следува асфалтирање на останатиот дел од улицата, а дека општинската градежната инспекција има поведено постапки за објектите кои не се во постапка за легализација.

Состојбата на улицата Радушка-Црногорска е резултат на подземните работи што етапно се решаваат во изминатите три години и во согласност со средствата со кои располага Општината, ќе следува асфалтирање на останатиот дел на улица Радушка. За сите објекти, пак, за кои не постои постапка за легализација, општинската градежната инспекција има поведено постапки кои се во тек. Ова го тврдат од Општина Ѓорче Петров по протестите со блокада на оваа улица од жителите на улиците Знеполе, Македонска преродба и на Ѓурчин Кокале.

Граѓаните од овие три улици од вчера почнаа со по четиричасовна блокада на улицата Црногорска, поранешна Радушка, во Општина Ѓорче Петров, а како што најавија, протестите ќе траат сѐ додека надлежните заедно со Општина Ѓорче Петров не го стопираат градењето на, како што велат, дивоградбата на улицата и не се поднесат соодветни пријави за сторителите.

– Улицата е раскопана од јавните служби и веќе една година не е санирана, а особено сме револтирани и ќе протестираме за тоа што на самата улица во тек е изградба на објект без одобрение за градба, односно секојдневно се преземаат дејства на кривично дело бесправно градење по член 244-А од КЗ, а и поради неколку други објекти кои веќе се изградени на истиот начин за кои треба да се гонат по службена должност – ги објаснуваат жителите причините за протестот.

Од Општина Ѓорче Петров објаснуваат дека подобрување на условите за живот, пред сѐ преку инвестиции во инфраструктурата е врвен приоритет на оваа општинска администрација. Реконструкцијата на улица Радушка-Црногорска не е изоставена од  годишните планови за работа на Општината, напротив, како што велат, по 60 години, се пристапи кон темелна реконструкција на оваа улица која е една од главните артерии што ги поврзува Општина Ѓорче Петров со Општина Сарај.

– Најголем капитален проект, кој Општина Ѓорче Петров го спроведе со Град Скопје преку ЈП „Водовод и канализација“ во 2019 година беше дислокација на главната цевка Ф-400 преку која се врши дистрибуција на вода од изворот Рашче до градот. Оваа цевка поминуваше под темелите на куќите во Ѓорче Петров, при што постоеше огромна опасност и неможноста за интервенција во несакани случаи поради непристапноста на теренот, како и поплавување. Наместо под куќите, новата цевка во должина од 1.124 метри е дислоцирана и нејзината траса е токму под улица Радушка-Црногорска. Инвеститор за проектот е ЈП „Водовод и канализација“, а вкупното чинење за реализацијата изнесува 20.026.300 денари – велат од Општината.

Оттаму додаваат дека пред две години е изведен колектор за атмосферска канализациона мрежа во Дексион и атмосферска мрежа на улица Радушка-Црногорска во должина од 920 метри, за што се потрошени 10 милиони денари, пари кои општината ги обезбеди преку Светска банка. Потоа, во декември минатата година, асфалтиран е потег во должина од 550 метри од улицата Кузман Шапкарев до улица Панајот Гиновски и е направен тротоар  за движење на пешаците, а поставени се и два „лежечки полицајци“. За оваа реконструкција, како што велат од Ѓорче Петров, потрошени се 4.400.000 денари од општинскиот буџет.

– Во март почна изработката на подземната инфраструктура на улица Радушка, втора фаза. Се поставуваат цевки Ф-400 во должина од 400 метри на потегот од последна 5-ка до крстосницата кај гробиштата. Градежните работи се завршени, а за оваа инвестиција Општината издвои 2.400.000 денари. Состојбата на улицата е резултат на подземните работи кои етапно се решаваат во изминатите три години. Според средствата со кои располага општината, ќе следува и финализирањето на реконструкцијата, односно, асфалтирање на останатиот дел на улица Радушка – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Во однос на легализацијата, општинска администрација наследила предмети за легализација кои ги опфаќа законот од 2011 година, а за сите предмети за кои не постои постапка, општинската градежната инспекција има поведено постапки кои се во тек.

– Во однос изградба на нови објекти, градежната инспекција има регистрирано едно оградување плац на приватно земјиште каде е сопрен обидот за изградба на објект од сопственикот на земјиштето – велат од Ѓорче Петров.

Оттаму додаваат дека правото на протест е загарантирано со Устав, па затоа Општината поддржува секаков вид мирно собирање и основано изразување јавен протест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот