Блокада на проширувањето на ЕУ: Површната пресметка на Макрон

Француските граѓани начелно се противат на приемот на С. Македонија и земјите од Западниот Балкан во ЕУ, но како што покажува една нова анализа, за таа тема знаат малку. Зошто тогаш Елисејската палата ја спушти рампата?

Минаа две години откако бившата француска министерка за Европа, Натали Лоазо, изјави во Белград дека од проширувањето на ЕУ нема ништо – додека самата ЕУ не се реформира. Таа јасна порака оттогаш се слушна неколкупати и од самиот претседател Емануел Макрон.

Избран како либерална надеж и брана од евроскептичните популисти на Марин Ле Пен, Макрон од влезот во Елисејската палата го стави проширувањето на ЕУ со шесте држави од Западниот Балкан на мраз. Тоа добро го знаат во Скопје и Тирана, затоа што Макрон есента 2019 година го блокираше почетокот на преговорите со Брисел, и покрај зеленото светло од Европската комисија.

„На Макрон, секако, над глава му седи десно-популистичката опозиција, која не сака повеќе доселеници во Франција, а и онака е против ЕУ. Но, поради тоа сигурно не треба да се поткопува заедничката политика на ЕУ“, напиша тогаш во коментар дописникот на ДВ од Брисел, Бернд Ригерт.

 Французите не се заинтересирани за Балканот

Од претпоставката дека Макрон го минира проширувањето на ЕУ заради политички поени дома, поаѓа и анализата на Фондацијата за отворено општество објавена на 2 февруари годинава.

„Администрацијата на Макрон е многу претпазлива“, вели за ДВ Срѓан Цвијиќ, еден од авторите на истражувањето. „Мислам дека тие суштински не се против на проширувањето на Западниот Балкан, но се плашат од последиците доколку постои перцепција дека го поддржале проширувањето“.

На прв поглед делува дека стратезите на Макрон се во право – проширувањето меѓу Французите е непопуларно како ретко каде на континентот. Во истражувањето што го спровеле Цвијиќ и колегите, дури 59% од Французите изјавиле дека приемот на Западниот Балкан би бил лош потег, додека само 22% велат дека тоа е добро.

Слично е и кога се во прашање поединечните земји. Додека огромно мнозинство Французи би го поздравиле приемот на Норвешка (81%) или Исланд (75%), за Балканот тоа не е случај: од Црна Гора (27%), Украина (26%), Северна Македонија (25%), Србија (22%), БиХ и Албанија (20%), Косово (15%) и Турција (12%). 

Но, работите се менуваат кога ќе ги прашате Французите колку би влијаело проширувањето на ЕУ на нивните животи. Дури 30% сметаат дека приемот на Турција „многу би влијаел“, додека за Западниот Балкан тоа го велат само 8% од испитаниците.

Интуиција и површни истражувања

Во еден текст на Блумберг од ноември 2019 година се сугерира дека сценариото за европските маневри на Макрон – од барањата за реформа на ЕУ, помалата зависност од НАТО, па до противење на проширувањето – не се создава во Елисејската палата, туку го пишуваат стратези на „Републиката во движење“. Тоа движење на Макрон е во постојана кампања и во потрага по популарни потези за својот шеф.

„Мојата хипотеза е дека Французите никогаш не направиле вистинско истражување на јавното мислење за прашањето за Западниот Балкан, туку дека се потпирале врз интуицијата и површни истражувања, каде што луѓето само се прашуваат дали се за проширување“, вели Цвијиќ. „Балканот не им е од преголемо стратегиско значење, па одлучиле дека е помалку ризично да ја блокираат таа приказна.“

Според истражувањето, само 22% од испитаниците имаат цврст негативен став за проширувањето на ЕУ кон земјите од Западниот Балкан. Меѓу нив, мнозинството и онака нема добро мислење за ЕУ.

„Противењето на проширувањето е манифестација на противењето на Французите кон ЕУ, онака како што тие ја доживуваат Унијата. Значи, нема посебни предрасуди кон земјите од Западниот Балкан“, објаснува Цвијиќ.

Долга историја на скепса кон проширувањето

Макрон не е осамен во туркањето на проширувањето на ЕУ под тепих. Во април 2019 година, во пресрет на изборите за Европскиот парламент, во ТВ-дебата на кандидатите за европратеници, едно од прашањата гласеше: „Дали Србија треба да влезе во ЕУ до 2025 година?“ Од 12 кандидати, само двајца рекле „да“, еден бил воздржан, а останатите одговориле со „не“. 

Темата има долга историја во политички Париз. Уште Жак Ширак како претседател ги убеди граѓаните да гласаат за европскиот Устав во 2005 година, ветувајќи им промена на францускиот Устав – така што граѓаните на референдум да можат да го потврдат приемот на секоја нова членка на ЕУ. Тогаш гласно се говореше дека Турција би можела да стане членка, против што Французите отсекогаш имале отпор.

Подоцна, Уставот беше сменет, но прагот за прием на нови членки и натаму е висок. Наместо со референдум, одобрувањето се дава со двотретинско мнозинство во дводомниот парламент. Од постојана внимателност пред некои следни избори, Макрон, сепак, не заговара проширување.

„Французите, на некој начин, ја спуштија рампата. Но, ако се обрне внимание на егзактните податоци, можеби би го ревидирале ставот“, вели Цвијиќ, со прогноза дека тоа би можело да се случи по изборите за Европскиот парламент во 2024 година.

„Да беше Франција на исти позиции со Берлин, да го форсира проширувањето на ЕУ, тогаш сè би имало поинаков исход“, вели тој.

Макрон, пак, следната година го чекаат неизвесни избори на кои се бори за втор мандат. Би било изненадување доколку во вториот круг повторно не се соочи со шефицата на Националниот сојуз, Ле Пен. Според анкета на магазинот „Политико“, во моментов Ле Пен има предност од два проценти пред Макрон.

 Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот