Близу 40 проценти од извезеното вино е флаширано

Нашата цел е да продолжи да расте цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и притоа целокупното извезено вино да биде флаширано, за да ја намалиме можноста нашето наливно вино да се пакува во странство и потоа како брендиран производ да ни се појавува како конкуренција, велат од Здружението „Вина на Македонија“

Просечната цена за литар извезено флаширано македонско вино е зголемена од 1,14 евра во 2020 година, на 2,11 евра во 2023 година. Истовремено, во последните неколку години променета е и структурата на извозот, при што сега близу 40 проценти од извезеното македонско вино во странство е флаширано, што генерира дури над 70 отсто од вредноста на целокупно извезеното вино. Овие податоци ги сподели Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино.

Оттаму велат дека до оваа состојба е дојдено со нивни големи заложби, но алармираат да се преземат уште чекори за да имаме поквлалитетно вино и поскап извозен производ. Според Здружението, постојат потврдени начини и чекори кои треба да се преземат: Воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното; Вложувања во развој на современо лозарство, преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето, субвенции за производство со географски ознаки и слично, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје; Обезбедување поддршка за винарниците кои вложуваат во производство на висококвалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, во напредни технологии и одржлив развој, како и поддршка за зголемување на извозот и позиционирање на македонското вино на светската винска мапа, што носи долгорочни придобивки за сите, вклучително и за лозарите и државата.

„Целта на „Вина од Македонија“ и на неговите членки, е во наредниот период, преку имплементацијата на споменатите чекори и со соодветна поддршка од државата, да продолжи да расте цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и притоа целокупното извезено вино да биде флаширано, за да ја намалиме можноста нашето наливно вино да се пакува во странство и потоа како брендиран производ да ни се појавува како конкуренција на нашите вина на странските пазари“, соопштија од Здружението.

Здружението вели и дека единствен начин да се спречи натамошното финансиско исцрпување и пропаѓање на дополнителен број македонски винарници е цената на грозјето да се утврдува помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарни механизми на понуда и побарувачка и показатели кои се применуваат секаде во светот, како што се: приносот, квалитетот и географската ознака.

„На таков начин, домашните винарници ќе можат да останат конкурентни и ќе можат да продолжат да вложуваат во развојот и производството на квалитетно вино кое ќе може да постигне повисока цена на пазарот, со што тие ќе можат да платат и повисоки цени за грозјето кое го откупуваат од лозарите“, заклучува Здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот